Новиот бугарски премиер Кирил Петков првата посета на Македонија ја најави за 18 јануари. Од Скопје уверување за подготвеност за конструктивен дијалог за надминување на разликите.
Претседателот Стево Пендаровски уверува дека Македонија останува фокусирана на европската агенда и е подготвена за дијалог со Република Бугарија во насока на надминување на постоечката состојба.
Тој на средба вчера со евроамбасадорот Дејвид Гир разговарале за политичките случувања во земјава во пресрет на формирањето на новата влада, како и очекувањата и можностите за напредок во однос на европските перспективи. Претседателот притоа констатирал дека валоризирањето на напредокот на нашата држава и почетокот на пристапните преговори, согласно препораките на Европската Комисија, ќе претставува дополнителен поттик за реформските процеси, посебно во клучните сфери како борбата против високата корупција и владеењето на правото.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи во понеделникот најави дека земјава очекува конструктивни разговори со новата бугарска Влада и брзо деблокирање на евроинтегративниот процес. – Важно е да се врати довербата и да се разговара за суштинските прашања кои се на маса, порача Османи, нагласувајќи дека проширувањето на ЕУ не е само од интерес за земјава, туку и стратешко геополитичко прашање за Унијата.
Тој најави и конкретизирање на комуникацијата со Франција, како актуелен претседавач со Унијата, по формирањето на новата Влада во земјава.
Бугарскиот премиер Петков, најавува дека датумот на неговата прва посета на Северна Македонија најверојатно ќе биде 18 јануари. Во интервју за ТВ Блумберг, Петков вели дека со Ковачевски сакаат да создадат сосема поинаква рамка за разговорите.
Посочува дека досега главниот фокус беше на историската дебата, но оти смета дека е поважно сите дискусии да се стават на победничка основа за сите. Затоа, како што вели, отвораме пет нови групи – за инфраструктура, економија, културни размени, влез во ЕУ и историја. Наведува дека сака овие групи да работат исклучително ефикасно во следните шест месеци и да постигнат реални резултати.
Запрашан за историјата што останува проблем меѓу двете земји, дури и ако сите други работни групи постигнат одреден напредок, Петков рече дека верува оти луѓето би биле многу понаклонети да бидат поотворени кога ќе се соочат со сите позитивни страни на добрососедството, а такви ги има многу. Досега, вели, не се зборуваше за нив, туку само за проблемите, а кога станува збор за проблемите, сите се држат до своите позиции и нема напредок.
Тој кажа дека има многу густ распоред на овие меѓувладини и деловни средби, како и културни групи од двете страни со многу јасни цели. Според тоа како се постигнува напредок по сите прашања, Петков очекува да се одреди конечниот датум за прием на Република Македонија.
Шефицата на кабинетот на бугарскиот премиер Петков, Лена Бориславова, по вчерашната владина седница, информираше дека Бугарија е спремна да пружи рака за започнување на конструктивен дијалог со Република Севена Македонија. Бориславова, воедно, посочува и дека бугарската позиција ќе продолжи добро да се брани и аргументира, а постојната рамка ќе се надградува со формирање на пет работни групи кои ќе разговараат на конкретни теми.
Пратеникот од Има таков народ (ИТН) Станислав Балабанов по повод изјавата на Фејсбук на лидерот на партијата Слави Трифонов, појаснува дека основата врз која мора да се зачекори во односите со Република Северна Македонија е Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
Ставот на нашата партија, објаснува Балабанов, е како оној на Трифонов и се темели на коалицискиот договор – почитување на договорот, а идејата за укинување на визите за влез на бугарските државјани во САД е надградба.
-Ќе видиме како ќе почнат преговорите, но нема шанси тоа да се случи пред Република Северна Македонија да ги исполни најважните услови – да го испочитува договорот со Бугарија, потпишан во 2017 година, бидејќи досега не гледаме да го прават тоа, рече Балабанов.
Тој потсетува дека тоа е запишано и во коалицискиот договор кој го потпишува и Трифонов.
Професорот на Универзитетот во Велико Трново, Иво Инџов, пак, оценува дека Бугарија во одредени околности може да ја омекне својата позиција кон Македонија и дека во текот на годината најверојатно ќе се согласи на старт на преговорите на земјата со ЕУ.
Во традиционалната политичка анкета што софискиот весник „Дневник“ ја направи на стартот на новата 2022 година, тој посочува дека на ниво на политичка реторика, бугарската позиција веќе еволуирала, како и дека не верува дека бугарската Влада ќе се распадне поради некој надворешно-политички предизвик, како што се односите НАТО-Русија или преговорите за членство на Република Северна Македонија со ЕУ.
– За Брисел и за Вашингтон е несфатливото главното бугарско барање, општо кажано – Македонија да ја признае историската вистина за нашата заедничка историја, нашиот заеднички јазик до 1944 година – и тоа не може да се земе како сериозен аргумент за членство во ЕУ, смета Инџов.
Според него, овој „суштински елемент на бугарската позиција не отпаднал од преговарачкиот пакет“, туку Софија сега се фокусира на прашања кои имаат „мерливо“ решение, како почитувањето на правата на граѓаните со бугарско национално чувство во Република Северна Македонија, нивно вклучување во Уставот на државата, рехабилитација на жртвите на комунизмот со бугарско чувство.
-Политиката на Македонија во овие области има сериозни дефицити, а прашањето за човековите права е универзално и ЕУ не може да го игнорира, додава универзитетскиот професор.
Во врска со плановите на бугарскиот премиер Петков за издигнувањето на економијата како приоритет во односите меѓу Софија и Скопје, Инџов вели дека таквиот пристап може да придонесе за подобрување на билатералната клима.
– И покрај сериозните внатрешно-политички ризици од таквиот политички потег, во услови на зголемен меѓународен притисок и некои македонски компромиси, во 2022 година Бугарија најверојатно ќе ја пушти Македонија – нејзината на историски план најблиска земја на Балканот, да преговара за членство во ЕУ, предвидува професорот Инџов.