Љупчо Бојчевски (37) од Скопје е првиот македонски државјанин што доби затворска казна поради учество во војната во Украина. Судот му изрече четири години затвор, откако беше утврдено дека три месеци се борел на страната на руските сили.
Кривичното дело „учество во странска војска“ во македонското законодавство постои од 2014 година, со цел да се спречат заминувања во конфликти како што беше оној во Сирија. Досега сите пресуди се однесуваа на приклучување кон формации поврзани со ИСИС, а случајот на Бојчевски е прв што се однесува на војната во Украина, започната со руската инвазија во 2022 година.
На судењето, тој признал вина и изразил жалење, што е нотирано и во пресудата од 13 мај годинава. „Се чувствува виновен, односно го признава кривичното дело кое му се става на товар со поднесеното обвинение, дека тоа го сторил на начин, време и место како што е опишано во обвинителниот акт и изрази искрено каење за стореното“, стои во документот.
Во разговор од затворот Идризово за Радио Слободна Европа, Бојчевски ја опиша постапката на регрутирање. „Одамна следев што се случува таму, пратев на интернет и на Телеграм бидејќи има повеќе канали преку кои можеш да аплицираш. Пишете само Донбас и милион ќе излезат такви канали. Аплицирав уште во 2021 година и после две години ми ѕвони телефонот, кога гледам – некој руски број. И ми вика: Сакаш да дојдеш да работиш за руското министерство? И прифатив“, вели тој.
Со него бил и неговиот пријател Тони Шегмановски, исто од Скопје. На една од фотографиите од мобилниот телефон, презентирана како доказ на суд, се гледаат двајцата заедно, а Шегмановски е повреден. Иако повредата не била животозагрозувачка, неговата судбина завршила трагично по враќањето во земјава. Телото му било пронајдено во напуштена куќа во Аеродром. Обвинителството потврди дека не станува збор за насилна смрт, но детали од обдукцијата не беа објавени.
Токму предметите и телефонот на Шегмановски упатиле на Бојчевски, по што почнала истрагата.
Бојчевски сведочи дека мотив му биле лични убедувања и симпатии кон „братскиот народ“. Додава дека му било ветено месечно примање од 3.000 евра, иако тоа не било наведено во договорот. „Бев на забрзана обука и веднаш не испратија на фронт“, раскажува тој.
Македонските власти остануваат на позицијата дека ваквите случаи се изолирани и дека нема организирано регрутирање на државјани за странски боишта.
Целосната вест читајте ја на Радио Слободна Европа