Ливчето од градежната инспекција, заглавено меѓу две тули за да не го дувне ветерот, е единствениот податок што може да се најде на новото градилиште во близина на скопската тврдина Кале, каде што непознат инвеститор на државно земјиште направил бетонска платформа од шеесетина квадрати и донел други градежни материјали за да изѕида објект, објавува „Призма“. Во него е наведен датумот и времето кога градителот треба да се појави во Општина Центар и да донесе документи за градбата, ако ги има.

Ова е втора покана што ја оставиле општинските инспектори, вели за медиумот градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.

Досега двапати никој не се појави. Инспекцијата ќе остави и трета покана, а ако и тогаш не дојде инвеститор, ќе мора да почнеме постапка за уривање. За жал, тогаш тоа ќе биде на наша сметка, бидејќи не е познато кој гради, додава градоначалникот.

Кај дивоградбите со познат инвеститор, трошоците за уривањето и за отстранувањето ги покрива тој. Но, овде општината нема начин да дознае кој гради, освен да остави покана и да се надева дека некој ќе се јави.

Нелегалното градење во околината на скопското Кале веќе наликува на трките за грабање земјиште од американските вестерн-филмови, во кои сѐ што треба за некој да стане сопственик е да си стави свое обележје на плацот на кој му фрлил мерак. Новата бетонска платформа, не само што се наоѓа на државно земјиште, туку е изградена на катастарската парцела со број 5071/1, огромна површина од над 180 илјади квадратни метри (18 хектари). Таа ја опфаќа и самата тврдина и поголемиот дел од просторот што, според важечкиот Генерален урбанистички план за Скопје, треба да биде заштитен како нејзина контактна зона.

Целата сторија на „Призма