Испораката на топлинска енергија во Скопје ќе продолжи непречено, ветува ЕСМ откако вчера објави дека за цел декември е обезбеден природен гас од „Макпетрол пром – гас“ и топлинска енергија од ТЕ-ТО. ЕСМ од вчера го презеде управувањето и со топланата Скопје Север со што се обезбедува затоплување и на граѓаните, институциите, градинките и училиштата во општините Чаир и Бутел.
АД Скопје Север вчера го потпиша Договорот за деловно-техничка соработка со ЕСМ, која, пак, со наменски добиени средства од Буџетот вчера попладне изврши плаќање на потребните количини гас кај добавувачот на АД Скопје Север, МАКПЕТРОЛ ПРОМ-ГАС.
-Договорот е потпишан и од АД Скопје Север и од сопственикот АД Топлификација во стечај и дадени се гаранции за средствата кои ќе бидат вложени од страна на АД ЕСМ во текот на оваа грејна сезона. Исто така, АД ЕСМ преку свој прокурист и врзан потпис ќе го контролира работењето и исплатите од акционерското друштво корисник на средствата, соопшти АД ЕСМ.
По официјалната објава од ЕСМ дека за декември е обезбеден природен гас од „Макпетрол пром – гас“ и топлинска енергија од ТЕ-ТО состојбата со испораката на топлинска енергија ја коментираше и премиерот, според кој, се демантирале објавите дека од денеска ќе нема парно за скопјани бидејќи не бил склучен договор за нова набавка на гас.
-Пред три дена ЕСМ имаше склучено договор за набавка на гас од „Макпетрол“ и за цел декември е обезбедно затоплување на градот Скопје, рече Ковачевски, потенцирајќи дека Владата има обврска да обезбеди затоплување на граѓаните на Град Скопје за да може да се загреат и да не дојде до пад на електродиструбутивната мрежа.
На терен вчера официјално беа завршени градежните работи на гасоводната делница Неготино-Кавадарци-Битола, во должина од 92 километари, а на тој крак се очекува од наредната година да стартува и спојување со интерконекторот со Грција.
Со завршувањето на работите на делницата Неготино – Битола, се спојува целата делница од Куманово до Битола во должина од 188 километри. По потребните технички тестирања и испитувања, ќе се почне со постапката за добивање употребна дозвола за новата гасоводна делница. Од НЕР велат дека се прават напори, тоа да биде брзо и наредната зима, целиот централен и пелагониски регион, да имаат пристап и да можат следните години да користат природен гас. Од примарната гасоводна мрежа е завршена делниците Штип-Неготино во должина 36 километри, а делницата Скопје-Тетово-Гостивар во должина од 76 километри и со кракот Тетово долг 10 километри е во завршна фаза.
Со заокружување на тие активности, според премиерот, се исполнува планот за реализација на големиот проект за гасификација на државата. Со учеството во изградбата на терминалот за течен природен гас во Александруполи, као што изјави, се обезбедува закуп на капацитет, што ќе ни овозможи стабилно снабдување на природен гас по конкурентни цени. Изградбата на овој интерконективен гасовод од Неготино – до границата со Грција во должина од 67 километри се очекува да започне во текот на наредната година. Со тој проект и со досега завршените делници, вели премиерот, Северна Македонија ги исполнува условите да биде транзитна земја, но и да заработува од транзитот на природен гас.
– Веќе се работи на техничка документација на нови интерконективни гасоводи со Србија и со Косово, за што веќе добивме подршка од Енергетската Унија. Со овој проект добиваме пристап до природен гас од Азербејџан, односно од наоѓалиштето во Шах Денис и тој ќе се користи и во Северна Македонија, а и во земјите од регионот, изјави Ковачевски.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, пак, тврди, дека во соработка со Национални енергетски ресурси интензивно се работи и на завршување на кракот Скопје – Тетово – Гостивар и оти се очекува следната година и оваа делница да биде завршена. Се работи и на проектирање на делниците Гостивар – Кичево, Кичево – Охрид, како и на делницата Свети Николе – Велес.
Директорот на НЕР Бајрам Реџепи се надева дека договорот за јавно приватно партнерство за изградба и оперирање на дистрибутивната мрежа за природен гас, ќе биде потпишан до пролет. Со тоа, како што рече, ќе почне масовната изградба на дистрибутивната мрежа на 38 општини во државата, а голем број домаќинства, индустрии и други капацитети ќе имаат можност да користат природен гас
За гасификацијата, за следната година со буџетот на Министерството за транспорт и врски се предвидени 105 милиони денари.