Набавени се 650 бесплатни сензори за мерење гликемија во крвата кај деца и млади до 18 години со дијабет тип 1, бремени жени со дијабет тип 1 и слепи лица кои денеска беа доделени на Универзитетската клиника за детски болести. Останатите сензори ќе бидат доделени на Клиниката за ендокринологија.
Наместо вообичаени боцкања, процедура која е болна, создава и трауми кај децата, сега гликемијата ќе им се мери со помош на сензорите, следејќи ја најновата технологија, изјави министерот за здраввство Фатмир Меџити кој беше во посета на Клиниката за детски болести.
Употребата на сензорите има повеќекратни придобивки. Пред се, овозможува постигнување и одржување на гликемијата во секое време, превенирање на компликации од дијабетесот, оптимизирање на способноста за учење кај младите луѓе со дијабетес, а исто така се овозможува родителите да ја мерат ноќната гликемија на децата без да мора да ги разбудат. Воедно, системите алармираат и превенираат акутни сосотојби кај дијабетесот како хипогликемија и хипергликемија. Сензорите се едноставни за употреба, се поставуваат на надлактицата и гликемијата се мери со електронски уред или со мобилен телефон.
Како министер за здравство и во следниот период ќе се залагам најсовремените начини за третман на дијабетес да бидат достапни за нашите пациенти, бидејќи кога станува збор за пациент со дијабет, треба да имаме предвид дека станува збор за начин на живот, посочи министерот.