Владините одлуки за ограничување на маржите стапуваат на сила
Од денеска, над 1000 производи треба да поевтинат откако во „Службен весник“ беа објавени одлуките на Владата за ограничување на бруто профитните маржи и за замрзнување на цените на дел од производите.
Најновите мерки веќе предизвикаа реакции од Комората на трговци на големо и на мало, кои изразија загриженост и побараа итен состанок со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за да ги разгледаат последиците од овие одлуки врз стопанството.
Комората на трговци: Одлуките ќе опфатат повеќе од 3000 производи
Според Комората, владините мерки нема да влијаат само на 1000 производи, туку ќе имаат ефект врз 3000 до 4000 производи, вклучувајќи различни видови млеко, детергенти, сапуни и други артикли.
„Целиот сектор ја дели загриженоста, иако до Владата и релевантните институции веќе доставивме конкретни предлози кои ја отсликуваат реалната состојба. Тие беа барање на Владата и имаат за цел да овозможат ефективни мерки за намалување на цените, без да го загрозат опстанокот на трговските претпријатија“ – изјавија од Комората.
Комората ги оцени владините одлуки како избрзани и посочи дека тие ќе предизвикаат значителна штета на многу компании во трговскиот сектор.
Нови цени до крајот на април
Одлуките на Владата веќе се објавени во „Службен весник“, што значи дека веднаш стапуваат на сила и ќе важат до 30 април.
„Очекуваме дека со овие одлуки, цените на основните прехранбени производи ќе се намалат во просек за 10 проценти, додека осумте основни производи како млекото, лебот, брашното, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко ќе останат на исто ниво, со можност за минимално намалување“ – изјави заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Според владината одлука, бруто профитната маржа се ограничува на:
- 5% за млеко, леб, брашно (тип 400 и 500), јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко.
- 10% за месо и месни преработки, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини.
- 15% за средства за хигиена, свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и слично.
„Анализите на Државниот пазарен инспекторат покажаа дека трговците на мало пресметуваат маржи од 20 до 25%, додека во трговијата на големо тие изнесуваат од 20 до 50%. Со оваа одлука, сите трговци се обврзуваат најмалку 70% од 102-те групи на производи да бидат присутни на рафтовите“ – додаде министерот Ристески.
СДСМ: Мерките се задоцнети, треба поширока примена
Опозициската партија СДСМ ги оцени владините мерки како задоцнети. Пратеникот и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, смета дека требало да се донесат поригорозни мерки и наместо 102 категории на производи, да бидат опфатени 238 групи со повластена ДДВ стапка од 5%.
СДСМ веќе поднесе предлог за измени на Законот за ДДВ со кои предлагаат:
- Намалување на ДДВ за електрична енергија од 18% на 5%.
- Укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, со што нивната цена би се намалила за 5%.
Трговците предложија ограничени мерки
Пред донесувањето на одлуката, новоформираната Комора на трговци предложи поевтинување на 100 до 200 најосновни производи за периодот од 22 март до 22 април, со цел да се опфатат Велигден и Рамазан.
Владините мерки беа донесени поради зголемените цени на основните производи и по двата бојкота на граѓаните, кои беа повикани да не купуваат од маркетите во знак на протест.