Фирмата „Југоопрема“ А.Д. Скопје купи дел имотот на АД „Бисерка“, во стечај, откако на вчерашното Собрание на доверители, нивната понуда за трите пакети во вкупен износ од над 1 милион евра била прифатена за најповолна.

Над милион евра продадени дел од хотелите Кристал, Куманово и Ку-Ба

За подрумот и приземјето на „Кристал“ понудени 750.000 евра, за дел од хотел Куманово 333.000 евра, собранието на доверители ќе одлучува дали ќе се продадат

Првиот пакет, кој се однесува на приземјето на некогашниот хотел „Куманово“ со површина од 349 м2 е продаден за 20.5 милиони денари или 330.000 евра.

Вториот пакет за хотел „Кристал“, во кој спаѓа подрумот и приземниот дел на хотелот со површина од 1.585 метри квадратни е продаден за 46,5 милиони денари или 750.000 евра.

Додека за третиот пакет, помошните простории на хотел Ку-Ба со површина од 334 м2, кои некогаш се користеле како соблекувална на отворениот базен, продадени се 2,6 милиони денари или 25 илјади евра.

Собранието се одржа вчера во Велешкиот суд, a пристуваа 74 отсто од доверителите, како и претставници на Државен правобранител, ПИОН, ФЗО и др., кои дадоа целосна поддршка за продажба на имотот.

Судот сега треба да донесе решение за прифатените понуди и да го задолжи купувачот во рок од 8 дена да изврши уплата зголемена за ДДВ, со што ќе се спроведе продажбата и имотот ќе биде префрлен.

Ова беше втора продажба на овие објекти, првата поради ниската цена не беше прифатена од доверителите.

Имотот на АД „Бисерка“, кој се наоѓа на атрактивни локации во центарот на градот, со години се распаѓа. Досега целосно е приватизиран хотелот Куманово, продадена е и кафеаната „Ловец“, додека останатиот имот на Кристал, Ку-Ба и другите објекти, ќе се продаваат дополнително, откако по завршена судска постапка имотот катастарски ќе се пренесе на АД Бисерка, во стечај.