Големата суша, што во последните 20 години го опустошува југозападниот дел на Северна Америка, е најлошата во последните 1.200 години. Во истражување објавенено вчера, се истакнува дека појавата што ја влошуваат климатските промени веројатно ќе продолжи и во 2022 година.
На западот од САД и на северниот дел од Мексико, од 2000 година владее екстремната суша, што трае над 20 години, па може да се нарече и „мега суша“.
– По екстремно тешките суши во 2021 година, што во околу 19 отсто им се припишува на климатските промени предизвикани од човечки фактор, периодот од 2000 до 2021 година е најсушниот во последните најмалку 800 години, информираат научници во списанието „Nature Climate Change“.
Поради високите температури и слабите врнежи, од летото 2020, до истиот период 2021 година, мега сушата е полоша од таа што владееше кон крајот на 1500-те, а била најлоша во последните 1.200 години, се додава во соопштението на универзитетот УЦЛА во Лос Анџелес.
Од 2000 година, недостатокот од влага во земјата е двојно поголем, отколку за која било суша во 20-ти век.
Покрај ова, таквата суша „најверојатно ќе продолжи и во 2022 година, па по траење ќе се изедначи со мега сушата од крајот на 1500-те“, се оценува во истражувањето.
Дури и да има дождови, последиците на ова подрачје, што се простира јужно од Монтана до северно Мексико, од Тихиот Океан до Карпестите Планини, може да бидат трајни.
– Мала е веројатноста, таа суша да престане по една дождлива година, изјави главниот автор Парк Вилијамс, географ на УЦЛА.
Како што се наведува во студијата, климатските промени поврзани со човечки фактор, поради што топлинските удари се сè почести и нарушен е режимот на врнежи, се одговорни за 42 отсто недостатоци на влага во земјата во период од 2000 до 2021 на тоа подрачје, како и 19 проценти во 2021 година.
Ваква хронична суша на западот во САД, ја натера федералната влада во август 2021 година, за првпат во историјата, да започне со штедење вода од езерото Мид, најголемиот резервоар во земјата, изграден на реката Колорадо.