На вчерашната седница, на која е усвоен извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за вториот квартал од годинава, оценето е дека кредитната активност на банките бележи забрзан квартален раст, којшто во поголем дел е резултат на зголеменото кредитирање на домаќинствата, при солиден позитивен придонес и на кредитите на претпријатијата. Забрзан е и растот на депозитите на домаќинствата и компаниите.
– Солвентноста на банкарскиот систем бележи подобрување. На крајот од јуни, стапката на адекватност на капиталот изнесуваше 17,3 проценти, што е зголемување за половина процентен поен во споредба со крајот на претходниот квартал од годината. Во вториот квартал од 2021 година, во услови на понатамошен раст на ликвидните средства на македонскиот банкарски систем, показателите за ликвидноста се задржаа на задоволително и стабилно ниво. На 30.6.2021 година, стапката на покриеност со ликвидност на банкарскиот систем изнесуваше 184,2 проценти (регулаторниот минимум за оваа стапка изнесува 100 проценти). Учеството на нефункционалните во вкупните кредити, во второто тримесечје од годината, е ниско и се задржа на истото ниво како во претходниот квартал од 3,5 проценти, односно 5,1 процент во корпоративното кредитно портфолио и 2 проценти во кредитното портфолио составено од домаќинствата, информира Централната банка.
Според податоците објавени во Извештајот, домашниот банкарски систем продолжува со профитабилно работење, што, како што се наведува, е особено значајно за одржување на капиталната позиција на банките, односно за нивната стабилност и отпорност, информираат од Централната банка.
На седницата на Советот усвоен е и годишниот извештај за надгледувањето на работењето на платните системи во 2020 година и спроведувањето на дадените препораки.
– Резултатите од надгледувањето во текот на минатата година покажуваат дека операторите на платните системи во земјата имаат воспоставено инфраструктура, политики, правила и процедури за работа што овозможуваат сигурно и непречено извршување на плаќањата преку системите со кои управуваат, а имаат и соодветни контроли за справување со внатрешните и надворешните извори на оперативен ризик. Оцените од Извештајот потврдуваат дека платните системи во земјата постојано обезбедуваат висок степен на сигурност и оперативна доверливост, што е значителен придонес кон создавање поволно економско окружување како за деловните субјекти, така и за населението. Достапноста на платните системи во текот на минатата година беше на високо ниво од над 99,9 проценти, велат од Народната банка.