Претседателот Стево Пендаровски синоќа оцени дека на историските прашања и оспорувањата за јазикот не им е место во Преговарачката рамка, нагласувајќи дека таа не може да се усвои, ако ние не кажеме „да“. Во врска со предлогот на француското претседателство со ЕУ, Пендаровски рече дека ние досега „немаме видено пишан документ“. Државниот секретар за европски прашања на Франција, Клеман Бон, пак, на прашање на МИА дали францускиот предлог внесува билатерални македонско-бугарски прашања во Преговарачката рамка, се огради од ставот дека тој е спротивен на македонските интереси, но истакна дека „бугарските преокупации треба да се земат предвид на внимателен начин“.

Во однос на Преговарачката рамка, шефот на државата синоќа во интервју за ТВ24 нагласи дека граѓаните не треба да стравуваат, оти нешто ќе ни биде наметнато со сила.

– Да нема страв ниту еден граѓанин во државата. Не може да се изгласа Преговарачката рамка, ако ние не кажеме да. Со сила преговори под вакви услови никогаш не се случиле, нагласи Пендаровски.

Тој во интервјуто откри и дека Софија не бара Бугарите да бидат наведени само во Преамбулата на Уставот, туку и во неговиот нормативен дел, потенцирајќи дека ниту една заедница во државата не е внесена во нормативниот дел на Уставот, па оттука не е можно да влезат ниту Бугарите. Во нормативниот дел на Уставот сега се споменуваат само македонскиот народ, Македонците кои живеат надвор од границите на државата, МПЦ и Исламската верска заедница.

Претседателот додаде дека вакви понижувања и потценувања какви што сме имале во последниве две години од Бугарија, не сме доживеале за 20 години преговори со Грција.

Во однос на најавата дека премиерот Димитар Ковачевски, заедно со лидерите на Отворен Балкан, претседателот на Србија Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, денеска ќе одлучат дали ќе одат во Брисел на Самитот ЕУ-Западен Балкан, Пендаровски го советува првиот човек на Владата да не оди на средбата, што е најавен да се одржи утре пред состанокот на Европскиот совет, на кој треба да се одлучи за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија. Според Пендаровски, Ковачевски нема што да бара таму, посебно што на завчерашниот состанок на амбасадорите на земјите членки на ЕУ, бугарската страна изнела пет нови барања за симнување на ветото за земјава.

Францускиот државен секретар Бон, пак, вели дека „држеле до принципот оти преговарачката рамка не е место за чисто билатерални преговори“.

– Мора да се констатира дека има билатерална блокада со месеци. Внимателно и со баланс, но отфрлам дека ова би било против интересите на Северна Македонија, напротив, во контакт и со Скопје, преку информациите од билатералните дискусии меѓу Скопје и Софија, но и преку директни контакти што ги имавме, што ЕК ги имаше со двете страни, велам дека има некои теми во преговарачката рамка кои немаат директно билатерален карактер, но ги засегаат преокупациите на Бугарија во нејзиниот однос со Северна Македонија, на внимателен и ограничен начин, изјави Бон.

Тој повеќепати нагласи дека не сака да дава детали затоа што преговорите сѐ уште траат и не сака да ги загрози. Целта е да се отворат преговорите, првпат видовме добра волја, рече Бон коментирајќи ја бурната политичка сцена во Софија, каде повторните превирања можат да го загрозат процесот до крајот на неделава.

Францускиот државен секретар, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, истакна и дека ги поздравува напорите на Скопје и Софија во последниот период да изнајдат решение.

Инаку, нацрт-заклучоците од Самитот на ЕУ што ќе се одржи на 23 и 24 јуни, до кои дојде МИА, се уште се празни под точката за Северна Македонија.

Заклучоците од Самитот за проширувањето на ЕУ, сега преименувани во „Поширока Европа“, првично се занимаваат со идеите за „нова платформа“ за вклучување на сите земји на европскиот континент и продолжување на предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за Европска политичка заедница. Тука е споменат и Западниот Балкан, земјите од Источното партнерство и сите држави партнери на ЕУ.

Документот потенцира дека оваа „рамка“ нема да ги замени постоечките инструменти на ЕУ, меѓу другото и проширувањето.

Што се однесува до Западниот Балкан, ЕУ уште еднаш ќе ја повтори својата „целосна и непоколеблива“ заложба за членството на земјите од регионот и се стреми да повика на забрзување на процесот на нивно пристапување во ЕУ.

Нацрт-заклучоците се основниот документ што им се поднесува на лидерите и тој може да претрпи измени, зависно од исходот на политичките дебати на Самитот.

Северна Македонија, под точка 13, останува празна, со куса реченица: „преговори меѓу Бугарија и Северна Македонија“ и ништо повеќе.

Како што објави МИА вчера, процесот на усвојување на преговарачката рамка за Северна Македонија засега е неизвесен.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ во понеделникот вечерта разговарале кусо за францускиот предлог и преговарачката рамка. Мнозинството земји членки сакаат да се реши спорот и да се испорача нешто за Скопје и Тирана до крајот на ова недела, но политичката неизвесност во Бугарија не дозволува преголем оптимизам кај земјите на ЕУ.

Дипломат од западна земја членка на ЕУ за МИА изјави дека сите присутни, вклучително и бугарскиот амбасадор, ги поздравиле напорите на Франција да се деблокира процесот меѓу Скопје и Софија.

– Приказната меѓутоа не е готова, имаме комплексна политичка ситуација во Бугарија и во овој момент никој не може да каже како ќе заврши сево ова, велат дипломатите.

Бугарската Влада се соочува со гласање на доверба во Собранието, што првенствено го отвора прашањето кој ќе ја претставува Софија на претстојниот Самит – премиерот Кирил Петков или претседателот Румен Радев.

Освен тоа, на завчерашниот состанок дипломатите велат дека бугарскиот претставник настапил и со нови барања, меѓу кои и протоколот да биде потпишан, а не само усогласен помеѓу Северна Македонија и Бугарија и да биде дел од преговарачката рамка. Како што јави дописничката на МИА од Брисел, амбасадорот не наишол на голема поддршка на состанокот, пред сѐ од оние земји кои се подобро запознаени со спорот. Барањето да биде потпишан протоколот отвора и прашања на рокови, бидејќи се мали шансите, дури и да се согласи Северна Македонија, тоа да биде финализирано до крајот на Самитот на ЕУ в петок.

Бугарската страна го повторила барањето Бугарите да бидат вклучени во Уставот на Северна Македонија пред да се одржи првата меѓувладина конференција, а инсистирала и дека не смее да има автоматизам за одржувањето на втората меѓувладина доколку бугарските барања не бидат исполнети.

Во исто време, шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера објави дека „францускиот предлог“ за деблокирање на европскиот пат на земјава досега не е добиен во МНР и затоа нема можност да биде доставен до Собранието, откако пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, кој е и претседател на собраниската комисија за надворешна политика, испрати писмо до премиерот Димитар Ковачевски и Османи да се достават до собраниската комисија документите што ги поседуваат.

– Формално досега не е добиен „француски предлог“ како можно решение за блокадата од страна на Бугарија, затоа што прво се добиваат мислењата на земјите членки на ЕУ, со кои ние сме во постојана комуникација. Оттука нема можност било каков предлог да се достави до Собранието и/или неговите тела. Второ – евентуален Протокол, кој се спомнува како веќе готов документ, можеби ќе преставува записник од одржување на Меѓувладината комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија, која е предвидена со Договорот за пријателство од 2017 година, наведе Османи.

Тој информира дека засега е одржана само една седница на оваа Комисија во 2019 година и овој записник, кој е единствениот Протокол засега, е јавно достапен веќе три години.

– Оттука, нема финализиран записник затоа што не е одржана втората седница на Меѓувладината комисија, појасни Османи во врска со писмото на Милошоски, во кое тој бара до Собранието да бидат доставени „протоколот и Преговарачката рамка поврзана со Бугарија“.

Милошоски, пак, во објавата на Фејсбук, наведе дека „за документите што се однесуваат на Македонија, Владата нема право да ги крие од јавноста, туку има уставна и морална обврска да прифати и да учествува во собраниска расправа“.

Македонската опозиција останува на ставот дека нема да поддржи каков било документ што е на штета на македонските интереси.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека „предлогот ги вклучува сите бугарски барања во рамката за преговори за влез во ЕУ и се условува влез на Македонија во ЕУ со бугаризација што ќе се спроведува етапно, а сето тоа ќе биде надгледувано од Комисија“.

– Предлогот не е решение на проблемот, тој ќе создаде мноштво други проблеми кои имаат за цел да ги асимилираат Македонците. Предлогот не е воопшто европски и не се потпира на вредностите за хуманост, соработка и рамноправност, наведе Ивица Томовски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски повика да се отфрли тој документ и оти партијата нема да прифати ниеден документ кој што задира во македонскиот јазик, македонскиот народ и македонската самобитност.

Од Левица, пак, повикуваат на прекин на преговорите со Бугарија и апелираат и останатите парламентарни партии да излезат со ваков став – во спротивно, велат оттаму, ќе бидат директни учесници во уште едно национално предавство.

И од Советот на амбасадори апелира до Владата да го сочува достоинството на нашите граѓани и да ги почитува и опстои на црвените линии за зачувување на идентитетот и интегритетот на Северна Македонија.

Совет на Амбасадори се надева и очекува ЕУ да има доволно чувство за реална проценка на политичката состојба во Северна Македонија и да не го условува почетокот на преговорите со донесувањето на уставните промени, туку таквиот процес да биде поместен за кога тоа ќе го дозволат политичките и општествените услови.

Комисијата за надворешна политика на бугарскиот Парламент денеска ќе одржи седница на која ќе биде разгледан „францускиот предлог“ за деблокирање на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Софија.

На седницата, како што е најавено, „ќе биде претставен и ставот на бугарското МНР за записникот од заедничката средба согласно членот 12 од Договорот со Република Северна Македонија од 2017 година, како и пакет документи на Претседателството со Советот на ЕУ во врска со процесот на проширување на ЕУ“.

Во меѓувреме, бугарското МНР соопшти дека документите за преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија немаат ознака за тајност и се впишани во јавната евиденција на Народното собрание и на Советот на министри на Бугарија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, соопштението на бугарското МНР претставува реакција на повикот на владејачката партија Продолжуваме со промената (ПП) на премиерот Кирил Петков до шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска „да ја отстрани ознаката за тајност од документите поврзани со Република Северна Македонија“.