Владата е стабилна, нема да има предвремени парламентарни избори

Нема да има предвремени парламентарни избори, изјави вицепремиерот Александар Николоски. Тој нагласи дека граѓаните минатата година јасно ја изразиле својата волја на изборите, а дека Владата и мнозинството во Собранието се стабилни.

„Имаме стабилно мнозинство во Собранието, министрите и именуваните лица коректно ја вршат својата работа и заради тоа не гледам причина зошто да има предвремени избори,“ изјави Николоски во гостување во емисијата „360 степени“.

Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се стабилни и отфрли можност за било какво рекомпонирање на Владата.

Внатрешни несогласувања кај албанскиот партнер без влијание на Владата

Николоски коментираше и за внатрешните несогласувања кај албанскиот коалициски блок, наведувајќи дека тие се внатрешен проблем кој не влијае на работата на Владата и на нејзините проекти.

“ Владата е стабилна, тука прашањето има три дела. Само ВМРО – ДПМНЕ да го гледаме, ние сами би можеле да водиме влада. Дали е политички или опортуно тоа е друго прашање, сега зборуваме за бројки.
Втора компоненета е заедно со ЗНАМ. Сега имаме стабилно мнозинство, ако на тоа дадеме уште 6 пратеници на ЗНАМ тогаш сосема е јасно за стабилна Влада. Но реалноста во Македонија е друга, тоа е што е. Добро е да има и партнери од албанскиот блок.  Во овој момент мислам дека 4-те партии кои што се од коалицијата ВЛЕН -ВРЕДИ си ја завршуваат својата работа во рамки на Владата, министерите и другите именувани лица работат коректно и добро си ја работат работата и ние немаме забелешки. И се додека е така, не гледам ниедна причина да има рекомпонирање во рамки на Владата.  Тоа што тие имаат внатре помеѓу себе несогласувања и тие не се насочени кон Владата туку кон локалните избори, тоа се работи што треба да си ги решаваат меѓу себе”- истакна вицепремиерот Николоски.

Николоски објасни дека несогласувањата помеѓу албанските партии се поврзани со локалните избори, а не со стабилноста на Владата.

Јасна позиција кон ДУИ

Николоски упати јасна порака дека нема да има место за ДУИ во Владата. Според него, секој што би соработувал со ДУИ, ќе оди во опозиција.

„Ако некој мисли дека ќе имаме Влада со сите политички субјекти на Албанците, не мислам дека тоа е реално. Ако некој од партнерите во ВЛЕН мисли дека може да соработува со ДУИ и на тој начин директно да биде дел од Владата, тоа не е реално. Ние таа политика ќе ја држиме до крај бидејќи дадовме ветување дека ДУИ ќе ги држиме надвор од Владата, и тоа ветување ќе го одржиме во текот на четирите години,“ потенцираше Николоски.

Тој додаде дека, до овој момент, нема најава од Арбен Таравари дека ќе оди во коалиција со ДУИ.

„Ако тоа се случи, тогаш тој што ќе соработува со ДУИ ќе оди во опозиција,“ заклучи Николоски.