Еврокомесарката не исклучува дополнителни билатерални услови по уставните измени

Усвојувањето на уставните измени не значи дека Македонија ќе има чист пат без дополнителни блокади во евроинтегративниот процес, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос. Во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), дел од кое е и МИА, таа посочи дека ниту ЕУ, ниту нејзините членки, не можат да дадат формални гаранции во однос на билатералните прашања.

„Гаранции нема, но очекуваме искрен дијалог и компромис“

„Свесни сме дека менувањето на Уставот не е едноставен процес. Тоа е човечки разбирливо, и целосно ја разбираме желбата на Северна Македонија да добие уверување дека потоа нема да има нови пречки. Но, вакви гаранции не можеме да дадеме. Она што го очекуваме од земјите членки е да водат дијалог со отворена волја и насоченост кон постигнување компромис, кога ќе се појават билатерални прашања“, истакна Кос.

Уставните измени и нивната врска со отпочнувањето на кластерските преговори се сè уште високо на агендата на Европската комисија. Кос подвлече дека лично е ангажирана во билатералниот спор со Бугарија, најавувајќи дипломатска активност и во Софија и во Скопје.

„Денеска патувам за Софија каде што ќе се сретнам со сите релевантни политички актери. Потоа ќе контактирам и со македонските политичари. Работиме на тоа Северна Македонија да го отвори првиот кластер“, рече таа.

„Билатералните прашања не смеат да го закочуваат пристапувањето“

„Најдобро е билатералните разлики да не се вметнуваат во пристапниот процес. Тоа не значи дека се небитни. Разбирам зошто Унгарија се бори за правата на своето малцинство во Украина. Разбирам и зошто Бугарија го прави истото. Но, станува проблем кога таквите прашања стануваат пречка за напредокот на другите земји“, нагласи Кос.

И покрај отсуството на формални уверувања, Кос испрати јасна порака до институциите во Скопје. Таа го повика државниот врв да продолжи со спроведување на клучните реформски процеси.

„Нашата порака е недвосмислена – направете ги реформите и бидете подготвени. Штом биде можно, ќе го отвориме првиот кластер“, изјави еврокомесарката.

Коментирајќи ја долготрајната состојба на стагнација, Кос посочи дека Северна Македонија има право да се чувствува изневерено. Таа направи споредба со Украина за да ја нагласи апсурдноста на траењето на процесот.

„Го разбирам разочарувањето на луѓето. Кога се распадна Југославија, Македонија беше втора најразвиена република. Ако Украина чека онолку колку што чека вашата земја, тогаш преговорите со неа ќе ги започнеме дури во 2045 година“, рече Кос.

Процесот е заснован на заслуги, но сега има нова политичка волја

Во завршницата на интервјуто, Кос зборуваше за новиот политички моментум во процесот на проширување. Таа подвлече дека заслугите остануваат основа, но и дека постои нова енергија.

„Имаме нова визија и нова динамика. Преку Планот за раст гледаме зголемени очекувања од Западен Балкан. Постои и одредена разлика меѓу земјите. Албанија направи значаен напредок откако се одвои од Северна Македонија. Но, нема да оставиме ниту една држава зад себе. Сите ќе влезат, но ќе се почитува принципот на индивидуални заслуги“, заклучи таа.