Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји со иста и јасна порака си замина од Скопје и од Софија – прашањето за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија да се реши до крајот на франуцското претседателство во јуни. Тој вчера од Скопје јасно порача дека местото на Северна Македонија е во ЕУ и оти нема време за губење и процесот треба да се забрза. Пред да дојде во Скопје, завчера во Софија тој ги упати истите пораки – прашањето за почеток на преговори за членство на државава во ЕУ да се реши до јуни годинава, изразувајќи крајно разочарување што се уште се разговара за ова прашање. Во исто време, САД и Франција изразија засилена поддршка за пристапување на Скопје и Тирана во ЕУ.
– Посветени сме да ги продолжиме напорите за почеток на преговори со Северна Македонија пред завршувањето на француското претседателство со Европската Унија во овие клучни времиња, објави еврокомесарот Вархеји по средбата со премиерот Димитар Ковачевски вчера во Владата.
– Ја почнав посетата на Северна Македонија со средба со премиерот Димитар Ковачевски. Северна Македонија е дел од Европа! Немаме време за губење, треба да се забрза процесот!, напиша Вархеји на Твитер.
Претходно на средбата во Влада со премиерот Ковачевски, и двајцата се согласиле дека европските интеграции на Северна Македонија и на регионот се потреба на државите во регионални рамки, но и на самата Европска Унија.
– Сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Република Северна Македонија, што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, а тоа не е од полза на ниту една страна, заеднички констатираа Ковачевски и Вархеји.
Ковачевски нагласи дека тој останува посветен исклучиво на принципите на почитување на европските вредности и на разговори базирани на респект и достоинство, за што се согласиле со премиерот Петков при воспоставувањето на дијалогот и очекува односи на оваа база.
– Нашата држава ги исполни своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на Европската Унија, со што уште еднаш покажа дека е достоен партер на европските држави и заслужува конечно одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, рече премиерот Ковачевски.
Ковачевски и Вархеји разговараа и за актуелни прашања поврзани со предизвиците од војната во Украина и за европерспективите на регионот.
Вархеји оствари средба и со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во Секретаријатот за европски прашања, со шефот на дипломатијата Бујар Османи, како и со претставници на политичките партии.
На средбата со Маричиќ и двајцата се согласиле дека треба да се изнајде најдобро, европско решение со Бугарија.
– Постојаното одлагање на добивање датум за почеток на преговорите, се одразува на домашната политика, го зголемува евроскептицизмот, но и загриженоста за геополитичката стабилност, истакна Маричиќ, додавајќи дека ние сме веќе докажан партнер на ЕУ.
Вархеји и Османи, пак, се согласиле дека новите геополитички околности налагаат потврдување на политиката на проширувањето како геостратешка инвестиција во мир, стабилност, безбедност и економска благосостојба на целиот европски континент.
– Северна Македонија досега покажа исклучително ниво на посветеност за напредокот на нејзиниот пат кон Европската Унија. Дополнително, постигнавме 100-процентно ниво на усогласување на државата со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. Време е и ЕУ да пружи рака кон државите од Западниот Балкан и јасно да демонстрира дека иднината на регионот е европска. Регионот е сѐ повеќе уморен од чекање, со што страда кредибилитетот на Европската Унија, порача Османи.
Шефот на дипломатијата во меѓувреме во интервју за БТВ рече дека сега е вистински момент за решавање на отворените прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија, и доколку тоа не се случи во блиска иднина спорот би можел да прерасне во „замрзнат конфликт“.
– Мислам дека во иднина ќе има се помалку сила и енергија и храброст кај кој било политичар храбро да се занимава со оваа тема. Затоа се плашам дека за месец-два ова ќе се претвори во замрзнат конфликт кој ќе трае со години, со сите последици што ќе произлезат од нашите односи, нашата внатрешна политика и можностите за регионот. Убеден сум дека во втората половина од оваа година нема да ја имаме истата сила да бидеме целосно посветени, со сета енергија на власта, за решавање на ова прашање, како што тоа го правиме сега, вели Османи.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средбата со Вархејии порачал дека преговорите со ЕУ треба да започнат веднаш, без дополнителни условувања од која било страна.
Во исто време, државниот секретар на САД Ентони Блинкен и шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дриен, во разговор укажаа дека даваат засилена поддршка за пристапување на Скопје и Тирана во ЕУ.
Франција е актуелен претседавач со ЕУ чиј мандат завршува на крајот на јуни.
Еврокомесарот допатува во Скопје по Софија, каде упати јасна порака – прашањето за почеток на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ да се реши до јуни годинава.
– Кога сум веќе во Софија, има уште едно големо прашање кое не може да се избегне, а да не се продискутира – а тоа е кога ќе ги имаме првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и со Албанија и кога ќе почнеме да испорачуваме кон овие земји, рече Вархеји во обраќањето на Регионалниот форум за односите меѓу Европската Унија и Балканот (EU meets Balkans) во Софија.
Вархеји нагласи дека ЕУ нема ниту време, ниту интерес да се одложуваат првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана.
– Сите земји членки треба да ја разберат трансформативната моќ на процесот на пристапување. И ова е пораката што ја носам во Софија повторно, бев тука пред три седмици и ќе доаѓам колку што е потребно за да се реши ова прашање во јуни годинава, бидејќи војната во Украина ни покажа дека ниту имаме време за губење, ниту интерес да се одложува овој процес, подвлече Вархеји.
Во Софија завчера Вархеји на средба со бугарскиот премиер Кирил Петков разговарал за актуелната состојба на Западниот Балкан, во контекст на кризата предизвикана од руската воена инвазија на Украина и последните случувања во дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија. Петков на средбата ја потврдил желбата за изнаоѓање заемно прифатливо решение за отворените политички прашања со земјава, имајќи ги предвид дека станува збор за теми што се чувствителни за Бугарија.
Во меѓувреме, известувачот за земјава од Европскиот парламент и европратеник Илхан Ќучук кажа дека надворешниот притисок врз Бугарија во однос на Северна Македонија е легитимен бидејќи Бугарија го запира европскиот проект, а ЕК даде јасен сигнал дека сака земјата да биде многу сериозен фактор на Балканот. Тој ова го посочи на деветтата годишна конференција „Балканот во 21 век – бугарскиот поглед“ на тема „Односите меѓу Бугарија и Северена Македонија – Како отсега па натаму“.
Ќучук посочи дека е опасно да се предлага разделување на Скопје и Тирана, бидејќи тешко ќе им се објасни на партнерите во Скопје зошто треба да се случи тоа и да биде пуштена Албанија да продолжи сама, а не заедно со Северна Македонија.
Поранешниот премиер Зоран Заев вчера на конференција во Струмица насловена „Суверенитетот и Европа“ рече дека треба да се промени начинот на носење одлуки во ЕУ.
– Ја прашувам ЕУ од мојата европска Струмица, која се граничи со Грција и Бугарија, дали ваквиот начин на одлучување во Унијата, при што една земја членка блокира цел регион од крајно ирационални и националистички причини е механизам со кој се развива европската идеја. Ако не, а знам дека не е, тогаш променете го начинот на носењето на одлуките. ЕУ мора да дејствува во сопствена корист, во корист на европската идеја, која по дефиниција е либерална, отворена, широка. Европската идеја не смее да остане уценета од национализмот, не смее да дозволи национализмот да става вето врз слободата, порача Заев.
Изминатиов викенд бугарскиот премиер Петков во две одделни интервјуа за бугарски медиуми предложи поместување на ветото по отворање на преговорите и промена на Уставот пред отворањето на првото поглавје, а ЕУ да биде гарант за менување на Уставот. Петков негираше дека е договорено до јуни тргање на ветото на Бугарија. Според него, ништо нема да се направи без гласање во Парламентот и широка јавна расправа.
Според него, процесот на европската интеграција на државава ќе трае најмалку десет години.
Изјавите на Петков наидоа на реакции во македонската јавност. Шефот на дипломатијата Бујар Османи во неделата кажа дека португалскиот предлог како основна рамка останува најдоброто решение за деблокирање на нашите евроинтеграции.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со реакција дека изјавите на Петков се доказ дека „билатерални проблеми и барањата на официјална Софија ќе влезат во преговарачката рамка, што значи дека или ќе се асимилираме односно ќе се бугаризираме и како такви ќе влеземе во Европската Унија, или нема за нас ЕУ и покрај тоа што ќе се случи таа прва меѓувладина конференција“. Тој, сепак, верува дека членките на ЕУ нема да дозволат внесување на билатералните проблеми во преговарачката рамка за земјава.