Комисијата беше формирана по налог на министерот за здравство Венко Филипче. Во неа членуваа седум доктори кои имаа задача да извршат надзор на стручната работа на ЈЗУ Општа болница во Струга.

Единствениот пропуст кој го нашла Комисијата било несовпаѓање на напишаните податоци на плодот на новороденчето. Веапоска родила женско, а било напишано оти е машко дете.

Во извештајот на Комисијата се вели дека на 27 август минатата година таа се јавила во Одделението за гинекологија и акушерство каде ѝ бил извршен прием.

– Кај пациентката е направен царски рез и е добиен жив женски плод. Пациентката, ноќта се жали на болки во стомакот, повикан е анестезиолог, направена е крвна слика и дадена ѝ е терапија. Во постоперативниот тек пациентката е следена интензивно од страна на медицински тим гинеколози и анестезиолози во струшката болница. На првиот постоперативен ден (28.08.2020) состојбата на пациентката е стабилна, но од крвните анализи се воочува редукција на крвната слика, а целиот лекарски тим постапува по сите протоколи и доктрини, дадена е терапија, но анализите покажуваат пад на хемоглобин. Вториот постоперативен ден пациентката е стабилна со уредни параметри, таа била активна и подвижна, на пациентката ѝ е направена контролна крвна слика. Третиот постоперативен ден на утринската визита пациентката е исто така во стабилна општа состојба со уредни витални параметри, уредна температура, контролната крвна слика покажува пад на хемоглобин и на еритроцити, се вели во извештајот.

Според Комисијата, четвртиот ден, пред да биде испишана од болница состојбата на Веапоска се влошила и таа добила такихардија, хипотонија и клиничка слика која укажавала на хеморагичен шок, односно состојба со многу низок хемоглобин, што било индикација за итна интервенција.

Откако се интервенирало увидено било дека таа има крварење во дел од стомакот каде се наоѓаат репродуктивните органи и бубрезите.

– За да се спречи крварењето се пристапува кон вадење на матката и левиот јајник. Крварењето не запира, повикан е конзилијарен хирург и е утврдено дека лево ретроперитонеално има хематом што довело до сомнение за крварење во пределот на бубрегот. За да се спречи крварењето е пристапено кон отстранување на левиот бубрег, како би се спасил животот на пациентката. Сериозноста на состојбата се гледа и по анестезиолошките листи на дадена терапија (10 единици крв и 9 свежи смрзнати плазми) Пациентката била во животозагрозувачка состојба поради обилното крварење, а лекарите успеале да ја одржат во живот. Комисијата заклучи дека вакви компликации при гинеколошко акушерски операции е ретка, но сепак се случува, се вели во извештајот.