Според Институтот за германска економија, доаѓа до влошување на штетите од пандемијата. Само во текот на оваа година многу продавници во земјата се затворени на подолго време, рестораните и хотелите исто така, додека откажани се многу културни настани и саеми, луѓето речиси престанаа да патуваат, а милиони се принудени да работат со скратено работно време.
Пред точно една година стапи во сила првата блокада во Германија. И таа не беше последна. Оваа привремена парализа со секое затворање чини многу пари за трговијата, индустријата и услугите, покажаа најновите пресметки на Институтот за германска економија.
Само во првиот квартал од 2021 година загубите се проценуваат на 50 милијарди евра.
Многу компании не ја преживеаја кризата и покрај дарежливата државна помош и одложувањата на постапките за стечај. Според Институтот за германска економија, минатата година банкротирале 16.300 компании. На оваа бројка мора да се додадат и оние околу 5.000 компании што едвај егзистираат, бидејќи државната финансиска помош во моментов ги одржува „на вештачко дишење“, но нивните деловни изгледи се безнадежни.
-Кризата предизвикана од коронавирусот е невиден шок за германската економија, изјави Михаел Хатер, директор на Институтот за германска економија.
Тој признава дека владината финансиска помош и парична поддршка за луѓето кои се префрлиле на скратено работно време спречиле уште пострашни последици.
„Но, исплатата на помошта траеше премногу време и многу компании никогаш не успеаја да ја дочекаат. Останавме со надеж дека темпото на вакцинирање ќе се забрза за компаниите конечно да ја планираат својата иднина со сигурност“, додаде Хатер.