Во рамките на концесијата на ТАВ за управување со скопскиот и охридскиот аеродром, дел од средствата се инвестираат во општествено корисни проекти. Еден од најзначајните е целосната реконструкција на ГОБ „8 Септември“, каде што се вложуваат 12 милиони евра за модернизација и опремување по највисоки стандарди.
– Гледаме голем прогрес во реконструкцијата на ГОБ „8 Септември“, ова е проект кој што го работиме во рамките на концесијата која што ја има добиено ТАВ за двата аеродроми, скопскиот и охридскиот аеродром. Дел од средствата се користат за општествено корисни проекти и 12 милиони евра ќе бидат потрошени за целосна реконструкција на хируршкиот блок, на блокот за Патологија, на блокот за биохемија и исто така целосно опремување по најмодерни стандарди, изјави Николоски.
Вицепремиерот нагласи дека пациентите и медицинскиот кадар ќе имаат значителни придобивки од проектот.
– Она што е од големо значење е што докторите ќе добијат модерни услови за работа, а пациентите ќе добијат во оној дел кој што го работиме можеби најмодерна болница во целата држава, рече Николоски.
Тој истакна дека проектот се реализира со силна поддршка на концесионерот на аеродромите.
– Драго ми е што во една соработка со ТАВ ова успеваме да го реализираме и се надевам дека ќе имаме и следни општокорисни проекти, изјави Николоски.