Македонија добива најголем обем на средства досега за капитални проекти и со најдобри можни услови што може да се обезбедат во овој момент. Финансирањето ќе биде врзано со проектот, односно средствата ќе се враќаат откако проектот ќе се реализира и ќе почне да ја враќа инвестицијата, објасни вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Прв бран на проекти што ќе се реализираат со договорот Влада со Влада со Обединетото Кралство се изградбата на брзата пруга од Табановце до Гевгелија, изградбата на клиничка болница во Штип, изградба на нов медицински факултет во Штип и студенски дом со 200 легла во Штип, понатаму реконструкција на клиничката болница во Тетово и изградба на болница со здравствен дом во Кичево, истакна вицепремиерот Николоски.

“Од четирите чекори, првиот веќе го имаме тоа се проектите. Сега одиме на прaвната рамка која што ќе ја завршиме во четврток и потоа набрзо да го ратификуваме Договорот во Собрание. И врз основа на тоа потоа одиме на финансирање. Нема да се работи за фиксно финансирање туку тоа ќе биде врзано со проектот. Кај некој проекти рочноста ќе биде пократка кај некои подолга, тоа ќе зависи од кондицијата на македонската економија и буџетот, од самиот проект итн. Тоа е прво, второ е тоа што се водевме од интересите на државата и во таа насока две работи се сигурни. Едно што волку средства ниту една друга меѓународна финансиска институција не е во можност воопшто да и ги понуди на Македонија, без ралика на каматна стапка, роковите за враќање итн. Второ е дека условите за враќање и каматните стапки ќе бидат подобри од било што Македонија што позајмила претходно. На наше инсистирање, средствата ќе ги враќаме откако ќе ги реализираме проектите, односно, грејс периодот да го врземе со периодот на завршување на проектите со цел проектот да носи пари а во здравството да носи бенефит во здравствената заштита” -изјави вицепремиерот Николоски.

Тој додаде дека ова е поттик за останатите државни институции да креираат проекти кои ќе бидат подготвени за финансирање.