Николоски за Самитот во Велика Британија – Историска чест за Македонија

Вицепремиерот Александар Николоски гостува во Радио Лидер и зборува за посетата на Велика Британија по повод Самитот за Западен Балкан. Основен фокус беше Берлинскиот процес, но како што истакна Николоски, Македонија имала и паралелна билатерална агенда:

„Имавме голема чест како држава, за разлика од останатите во регионот, да имаме целосно наша билатерална агенда паралелно со состаноците од Берлинскиот процес. Делегацијата ја водеше премиерот Мицкоски, покрај мене беа министрите за финансии, надворешни работи и европски прашања. Започнавме состанок со министерот за економија и трговија кој е дел и од кралското семејство, и потпишавме договор влада со влада.“

Средба со кралот Чарлс и културна претставеност

За Николоски, најзначајниот момент бил приемот кај Кралот Чарлс, што, како што посочи, е историски настан за Македонија:

„Не се случува тоа често во историјата на оваа држава. Првпат македонски премиер е поканет на прием во официјалната резиденција на монархот на Велика Британија. Досега Кралот бил во Македонија само како принц, а претходната кралица, неговата мајка, била во рамки на поранешна Југославија. Откако сме независна држава, ниту британски монарх не бил во Македонија, ниту премиер или претседател бил на прием кај кралот“, рече Николоски.

Тој го истакна и присуството на македонски уметници, кои добиле самостојни покани:

„Она што ми е драго е што имаше поканети неколку уметници од Балканот, меѓу кои двајца беа од Македонија. Не се дел од владината делегација. Не одат поканите ‚повелете покана па земете кого сакате‘, не оди тоа така – има строги протоколи во кралското семејство. Таму беа Раде Шербеџија, Милчо Манчевски и Влатко Стефановски. Тоа е навистина голема чест и покажува дека во делот на културата имаме потенцијал што можеме да го развиваме“, додаде Николоски.

Николоски за иднината и придобивките од посета

Вицепремиерот потенцираше дека и покрај краткиот временски период, Македонија успеала да се позиционира на едно повисоко ниво во односите со Велика Британија:

„Премиерот Мицкоски имаше пријатен разговор со кралот, разменија мислења за актуелната состојба, и бевме изненадени од нивното длабоко познавање за нашата држава и регионот. Ова ја носи Македонија на едно друго ниво – со мудра и конструктивна политика, држење до националните интереси и влада без скандали и корупција. Ова е продолжение на она што почнавме во мај, со средбата со премиерот Стармер и потпишувањето на договорот влада со влада и договорот за стратешко партнерство. Граѓаните можеби нема веднаш да почувствуваат бенефит, но во годините пред нас ќе го видат и почувствуваат“, заклучи Николоски.