Околу 30 проценти е зголемен извозот на флаширано вино годинава. Радува што се зголемува процентот на извоз на флаширано вино, тоа покажува дека во тој правец треба да се фокусираме. Да се зголемува вредноста на извозот, а паралелно, со низа мерки, да го поддржуваме секторот.

Ова го соопшти синоќа во Кавадарци министерот за земјоделство Љупчо Николовски, кој беше на средба со претставници на лозарите и винарите, пратеници и градоначалници од Тиквешкиот регион.
Николовски информираше дека овие две години лозарството и лозарите беа поддржани со 10 милиони евра преку ковид пакетот, дополнително на субвенциите коишто ги добиваат за лозови насади, а винариите исто така беа поддржани.

-Она на што треба да се фокусираме овој момент и за што ги информирав сите засегнати, а сметам дека е клучно, тоа е постапката за изработка на новиот закон за вино, рече министерот.

Тој додаде дека таа постапка е при крај и на крајот на април ќе биде отворена дебата со јавноста, ќе се има првиот нацрт драфт верзија на законот од страна на работната група.

-Тоа беше клучната дебата на оваа средба. Дека ни треба Ð �ов закон, подолгорочна стратегија, нови правци и функционален закон којшто ќе се применува. Овој закон фокусот го става на географските индикации, заштитата на различните виногорја, но и регистрацијата на организации во рамки на виногорјата, коишто се репрезенти и на производителите на грозје и на производителите на вино. Законот ќе дефинира дека на ниво на секое виногорје мора да има репрезентативни организации, а во нивното основање, клучен збор ќе имаат 51 процент од производителите на вино од тоа виногорје. Што значи, се движиме кон договорно производство и во секторот на лозарство и винарство. И заштитата на различните сорти, контролата, одредени надлежности коишто денес ги имаат институциите, ќе бидат пренесени на овие организации. А клучна улога во тие организации, ќе имаат, мора да имаат, минимум педесет проценти од производителите на вино и грозје. Тоа ќе значи дека тие самите ќе регулираат во делот на квалитет, производство, количини што треба да се произведат. За да не се случуваат вишоци, хиперпродукција. За да можеме да произведеме што подобро и поквалитетно македонско грозје, за што подобро вино, коешто ќе биде што повеќе флаширано, извезено. Во тој правец треба да се движат нашите политики, дециден беше Николовски.

Тој рече дека имаше позитивна и конструктивна средба од 2,5 часа.

-На дебатата се отворија и суштински работи. Едни од клучните прашања беа, дали во законот ќе биде регулирана производствената цена на грозјето, едно од прашањата коешто ќе биде отворено за дискусија. Знаете дека секоја година, овие дебати, се цените во прашање. Токму затоа овој закон ќе ги отвори и третира прашањето и можноста, внесување во законот на производствената цена на грозјето, што ќе го прави одредена институција којашто ќе биде акредитирана. Таа цена ќе биде репер и ќе влијае на откупната цена, што пак досега е на некој начин проблем секоја година, информираше Николовски.

Министерот соопшти дека се отвори и уште едно прашање, коешто законот исто така ќе го третира, роковите за исплата на грозјето.

-Денеска нема проблеми со заостанати исплати и пропаднати винарии, кога државата креираше различни инструменти со закони, за да обесштети лозари. Тоа прашање исто така ќе биде третирано во рамки на законот, можноста да бидат скратени крајните рокови за исплата на грозјето. Ние сме тука како министерство, да ги штитиме интересите на лозарите, на производителите. После тутунопроизводството, ова е втора по големина извозно ориентирана гранка. Значајна за целокупниот наш земјоделски сектор. Дваесет проценти од бруто домашниот производ во рамки на секторот земјоделство, потпаѓа на оваа гранка и затоа е нашиот целокупен интерес, да работиме на што подолгорочна стратегија за решавање на проблемите, истакна Николовски.

Тој рече дека по решените многу проблеми, по законските измени, по обесштетувањето кон лозарите, по исправувањето на неправдите од претходниот период, веќе нема винарии коишто не се дел од системот и коишто не платиле грозје. Потсети на низа донесени развојни мерки, меѓу кои и зелената нафта.

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев рече дека ќе се бара и алтернатива со отварање на дестилерија, за откуп на вишокот грозје, кое нема да им биде потребно на постоечките винарски визби.