Ако пред 81 години на 11Октомври ја започнавме битката за независност, денеска ја водиме битката за преживување . Ние бараме само реално да се вреднува нашиот труд, со што нема да биде загрозена егзистенцијата на над 3000семејства во кочанско, порачаа оризопроизводителите, кои денеска повторно излегоа на протести. Иако најавија блокада само на едната коловозна лента на регионалниот пат Штип-Кочани, оризопроивзодителите не издржаа,па ја блокираа и втората коловозна лента

“Ние сме единствени кои од државата не барат помош. Не ни требат субвенции, нека ги поделат на некој други . Бараме производна цена, да живееме достоинствено, да ги сервисираме нашите потреби. Ќе почнат да го дават и за 15денари бидејќи треба струја, дрва“-порача Здравко Арсов и од Иницијативниот одбор.

И додека на светските берзи оризот држи рекордни цени и се продава и до 2800евра по тон, кај нас неговата цена е изедначена со мастики за џвакање. Трошоците им се зголемени за речиси 80%, а откупната цена е од 2 до 5денари пониска од производната.

“Инертниот однос на министерството и на сите надлежни субјекти е недозволиво во вакви услови и треба час поскоро да се изнајде решение кое ќе ги задоволи потребите и интересите на земјоделците. Доколку и понатаму продолжат вака, јас сум длабоко убеден дека оваа култура за година до две ќе исчезне од овие простори„ изјави Ставре Јанев од Самостојниот синдикат на земјоделци.

Најавите за нови покачувања на ѓубривата е уште едно разочарување за земјоделците. Полињата ќе останат празни, бидејќи префрлањето од една на друга култура е процес што се одвива бавно.

“Потребни се години за да се направи исушување на површините. Треба многу вложување и верувале или не, ако еден човек ја напушти нивата еднаш, тој повеќе нема да се врати таму. Имаме приомери , ги напуштиле нивите и сега расте само трева и трска“-изјави Стојче Ташовски, млад оризопроизводител.

Иако во ек е жетвата, оризопроизводителите најавија радикализирање на протрестите, се додека откупната цена не достигне од 40 до 45денари за килограм арпа.