Најавата за еколошка такса од 3,5 денари за литар за нафтените деривати ќе предизвика и низа други ценовни поскапувања. Во моменти кога граѓаните и стопанството се уште не се опоравиле од кризата предизвикана од пандемијата, стандардот на граѓаните дополнително ќе биде оптоварен, велат економистите.
Целта на оваа мерка според премиерот Зоран Заев е „сите да се насочиме и кон практично спроведување на зелената агенда, помалку да користиме фосилни деривати, а почесто да користиме еколошки превозни средства, како велосипед, електричен тротинет, електрични возила, возила на хибрид“. Тој вели дека Владата планира сериозни вложување во екологијата и обновливите извори на енергија.
Со воведувањето на новата давачка од 3, 5 денари практично ќе се зголеми цената на горивата за граѓаните. Први реагираа од Асоцијацијата на превозници „Макам-Транс“ од каде што посочуваат дека воведувањето на оваа давачка ќе им ги зголеми трошоците за 4,13 денари по литар.
-Со воведување на оваа еколошка такса ние ќе имаме енормно зголемување на трошоците затоа што се работи за големи количини коишто се точат во рамките на вршење на дејноста. Резервоарите на товарните моторни возила и автобусите се од 600 литри па нагоре, а принудени сме да работиме бидејќи тоа ни е основна дејност што значи дека постојано ќе ги чувствуваме тие негативни последици. Од друга страна еколошка такса согласно регулативите на ЕУ не се воведува на ваков начин затоа што со тоа се казнуваат оние кои вложуваат и купуваат еколошки возила“, вели Биљана Муратовска, генерален секретар на Макам-Транс.
Професорот Трајко Славески, член на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за финансии вели дека една од целите на зголемувањето ќе биде исполнета, односно приходите по тој основ ќе се зголемат. Сепак, според него, несомнено ова ќе го намали стандардот на граѓаните.
– Поради релативно ниската еластичност на побарувачката за горива кај нас, зголемувањето на цените до одреден степен не влијае на намалување на потрошувачката. Секако, зголемените цени негативно ќе влијаат на стандардот на граѓаните и ќе ги зголемат трошоците за транспорт на стоки и патници. Дополнително, евентуалното воведување на оваа нова давачка доаѓа во изразито неповолен момент кога цената на суровата нафта на светските берзи е висока и се очекува нејзин натамошен раст, што може дополнително да ги зголеми малопродажните цени на горивата, вели Славески.
Владата и досега наплатуваше еколошка такса, но таа за секое гориво има различна висина, или чини помалку од денар. Така на пример таа за бенизните изнесува 0,08 денари, за дизелот 0,03 денари, за екстралесното масло за домаќинство 0,04 денари, а за мазутот е 0,05 денари.
Според владините пресметки, новата еко давачка во Буџетот ќе донесе милијарда 685 милиони денари за едно полугодие или 3 милијарди и 300 илјади денари за цела 2021 година.