Македонското тло стана подложно на „афери и скандали“ во секој сегмент на општеството речиси секој ден. „Двојник“ „Мафија 1 и 2“ со злоупотреба на лични податоци на граѓани, аферата „Стабри“ за провизии за вакцини, афера на Драги Рашковски, “картел Заеви” и последна во низата, објавена вчера од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, афера насловена „250.000 илјади евра за Вице од Рек Битола“ .
Ова се само дел од аферите кои се отворени во изминатие два месеци, а се однесуваат на тешки обвинувања за злоупотреба на институциите и тежок криминал. За дел од нив Обвинителството по извесно време „ги слушна медиумите“ па отвори постапка, за дел Антикорупциската комисија отвори предмети за можен конфликт на интереси и корупција, за трети пак, властите молчат и се штитат еден со друг.
Иако некои афери се продуцираат со одредена цел, за да им послужат на одредени политички групи, може исто така да се каже дека на прсти можат да се избројат аферите кои добиваат судска разрешница.
250.000 илјади евра за Вице од Рек Битола
250 илјади евра за Вице од Рек Битола е името на новата афера која вчера на средба со новинарите ја откри лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Аферата, како што посочи тој, опфаќа изнуда-рекет на средства од компанијата Рубитон Битола која е добитник на тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола.
Братот на премиерот Заев, Вице Заев ги негира ваквите тврдења, велејќи дека се што кажал лидерот на опозицијата е лага и измислица. Во изјава за Фокус тој ги повика надлежните институции целосно да го испитаат случајот. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека нема да има пријави, бидејќи како што велат, ова не е прв случај на криминал во власта и блиски до нив, а да не одговараат.
Логично, после толку афери да се постави прашаето дали власта, истражните органи, од тие што имаат одговорнсот да се борат против крималот и корупцијата има само молк?
Аферите на Рашковски
Обвинителството за гонење на организиран криминал отвори предистражна постапка за аферата за софтверот кој што го набавил поранешниот генерален секратар на Владата Драги Рашковски за МВР, а министерството не го користи. Рашковски имаше серија на афери претходно и со набавките на М-НАВ наречена „Леонардо“, „Џип волво“ и последната „Кабини за гласање“. За дел преземаа чекори ДКСК и Јавното Обвинителство, но во меѓувреме, премиерот Заев за Фокус изјавува дека не ѝ верува на обвинителката Вилма Русковска дека поранешниот ген-сек ја злоупотребил функцијата.
За аферата „Леонардо“ од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, на 8 април годинава изјавија дека не утврдиле ништо спорно. Иако за обвинителството овој случај е затворен, сепак, тоа не важи и за Антикорупциската комисија. Таму сѐ уште се истражува овој предмет. Засега, е неизвесно дали Антикорупциска ќе одлучи исто како и Обвинителството, или пак, можеби ќе му утврди вина на Рашковски.
Недостасуваат уште информации за аферата „кинески вакцини“
По аферата со Рашковски италијанскиот весник „Ла верита“ на 10 март годинава отвори афера за сомнителна постапка при набавка на кинеските вакцини во кои е инволвиран министерот за здравство Венко Филипче. На почетокот на месец мај претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите пред некој ден обвини дека Македонија платила екстремно висока цена за набавка на 200 илјади кинеските вакцини Синофарм. Тој објави и документи, според кој, како што вели, вакцините од Синофарм чинеле 7,8 милиони долари. Тоа, според Мицкоски, е двојно повеќе од продажната цена на вакцините.
Антикорупциската комисија на 18 март побара од министерот Филипче и од Владата да им ги достави сите документи поврзани со набавка на вакцини, но два месеци подоцна од ДКСК велат дека предметот со кинеските вакцини е при крај, но недостасуваат уште информации. За разлика од нив, Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Финансиската полиција не отвори предмет.
Осудените за аферата „Мафија“ добија само 2 години казна
Осудените за кражба на идентитети на граѓаните искористена за 215 лажни пасоши, двојни матични броеви, сомнително издадени околу сто илјади образци за издавање на изводи од матична книга добија само по две години и не беа осудени и за другите дела кои ги сториле.
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против 11 луѓе за случајот со злоупотреби при издавање пасоши, соопши Обвинителството. Според обвинението, 10 луѓе се обвинети за продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, а едно лице е обвинето за поттикнување при извршувањето на истото кривично дело.
Индикативно во овој случај е што службениците се теретат за член 353 злоупотреба на службена должност. Во целата оваа постапка не се споменува фалсификување на патни исправи, што е тешко кривично дело. Дополнително, не се споменува злосторничко здружување, а уште помалце да се дознаат вистинските сторители и налогодавачи, патните исправи да се делат на криминалци кои се дел од мафиите.
Истото беше и со случајот Рекет каде што не се дозна каде завршиле парите кои Бојан Јовановски Боки 13 ги изрекетирал, без притоа да нема заштита.
Има или не адекватна реакција на државните органи?
Ова го отвора прашањето има или не адекватна реакција на државните органи? Недовербата не постои само кај опозициските партиски субјекти, туку и кај граѓаните. Додека земјата сега се соочува со многу сериозни предизвик, граѓаните се исфрустрирани од корупцијата, од недоволните реформи и напредокот на кој се надеваа. Се добива впечаток дека поголемиот дел од аферите кои се покренуваат во медиумите на истото место и завршуваат. Иако некои афери се продуцираат со одредена цел, за да им послужат на одредени политичко економски групи, може исто така да се каже дека на прсти можат да се избројат аферите кои добиваат судска разрешница.