Новинарските и медиумски здруженија најостро ги осудуваат грубите навреди и дисквалификации кон новинарите на ИРЛ во денешното соопштение до медиумите на компанијата ,,Брако”, а во врска со најновата епизода на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) насловена како ,,Убиство во Тетово“ – се наведува во заедничкото соопштение од ЗНМ, ССНМ, СЕММ и МИМ.
„Авторот на ова соопштение, наместо да и образложи на јавноста, односно да демантира поединечни тези од емисијата, и да даде одговори за сериозните обвинувања, за кои има и тековни постапки на истражните органи, прави обид за цензура. Според тонот на соопштението, очигледно е дека целта е јавна дискредитација на критичките новинари и создавање култура на страв при спомнување на економски моќни компании:
,,…монструозни идеи на групата ИРЛ, која со последната лажна конструкција покажа дека е срам за луѓето кои професионално работат во новинарството и дека недвосмислено станува канцер за здравото економско ткиво на државата”, се вели во дел од соопштението.
Ваквиот начин на комуникација недвосмислено претставува притисок кон истражувачкото новинарство и обид за обесхрабрување на сите новинари и медиуми да се интересираат и да истражуваат теми кои се поврзани со корупцијата, владеењето на правото и злоупотребата на позицијата на моќ.
Потсетуваме дека изминатава недела имаше неколку реакции (меѓу кои и од јавното обвинителство) кои се однесуваа на споменатата истражувачка сторија, и сите, наместо укажување или демантирање на објавените информации изобилуваа со дискредитации и навреди што е недозволива јавна комуникација.
Ги повикуваме и медиумите да имаат општествена одговорност, да работат во интерес на јавноста и граѓаните, и да не подлегнуваат на притисоците кои економски моќници ги вршат врз сопствениците на медиумите.
За сево ова, за притисоците врз истражувачките новинари, за обидите за креирање на атмосфера на страв и недоверба кон медиумите, еснафските здруженија од Македонија ќе ги информираат и партнерските здруженија, Меѓународната и Европската федерација на новинари.
Потсетуваме дека доколку било кој граѓанин, вклучително и сопственици на компании или обвинители кои имаат некаков проблем со медиумска објава од било кој медиум, постојат законски механизми за заштита, како што е барање на исправка или демант. Освен ова на располагање се и медиумските саморегулативни механизми преку Советот на честа при ЗНМ и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) – стои во соопштението.