Општините се должни да ги спроведуваат мерките за заштита на квалитетот на воздухот, а не Министерството за животна средина, но истовремено, сите како поединци сме одговорни за воздухот со изборот на тоа со какво гориво ќе ги греме домовите и јавните објекти, какви возила ќе возиме итн, објасни денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на прес-конференцијата на која го презентираше буџетот за 2023 година. На новинарско прашање дека граѓаните се уморни од проекти, студии, ветувања, планови за гасификација и слично и дека е потребно нешто итно да се превземе за да се намали енормното аерозагадување во сите градови Нуредини рече дека ние имаме историски проблем со загадувањето на воздухот и дека досегашните инвестиции во животната средина со децении наназад биле ниски, а за заштитата на околината треба многу пари.
По греењето втор фактор се возилата во сообраќајот, а за жал, додаде министерот, кај нас возилата се просечно стари по 20 години. Трет фактор е градежништвото, а четврт индустријата, каде мора да има редовни контроли.
Министерот Нуредини е категоричен дека не Министерството за животна средина, туку општините се должни да имаат донесени оперативни планови за заштита на воздухот и дека тие се надлежни да ги спроведат мерките што се пропишани во тие планови и за подобрување на квалитетот и за дејствување при епизоди со зголемено аерозагадување. Тие како Министерство се должни да ги информираат општините кога е зголемено загадувањето, за што имаат државни мерни станици.
Општините се должни да спроведуваат мерки и контроли за квалитетот на воздухот, ние имаме надлежност во мониторинг-системот, во инфраструктурата за заштита на водите, во управувањето со отпадот, во прогласување и чување на заштитените подрачја. Ние како централна власт не можеме да им дадеме наредби на општините што да прават кога е загадено, туку само препораки. Ние кажуваме кои се праговите на алармирање и општините мора да ги имплементираат препораките. Но, освен при загадување, тие мора да дејствуваат и во насока на инвестирање во јавни транспортни системи, во поголеми контроли во градежниот сектор, како и контроли во индустријата, не само во А-инсталациите, кои се под државен надзор, туку и во Б- инсталациите, кои се под општините, како и заедно да работат центалниот и локалните инспекторсати – вели Нуредини.
Тој додаде и дека Државниот инспекторат за животна средина сега со Законот за инспекцискиот надзор има можност да влегува во секоја инсталација со А-интегрирана еколошка дозвола, но тој не знае дали и колку капацитети досега се казнети за загадување на воздухот, затоа што тоа е во надлежност на Инспекторатот.
Нуредини повтори дека заштитата на воздухот е сечија одговорност, на сите фактори, од граѓаните до институциите.
Викендов поради надминатиот праг на алармирање за ПМ10 Владата донесе мерки за Скопје, Кичево, Кавадарци, Струмица и за Гостивар, а потоа ги укина за Гостивар, Кичево и за Кавадарци. Мерките се општопознати и од преходните сезони. Им се препорачува на сите работодавци да ги ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма и прележан инфаркт или мозочен удар. Се препорачува лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот. Да не се организираат спортски натпревари и културни манифестации на отворено, да се создадат услови за зголемена активност на итната медицинска помош, домашната посета и патронажната служба. На општините и на Министерството за труд им се препорачува да обезбедат прифатилишта за бездомниците и да им дадат поддршка на старите осамени лица преку организирани посети. Службата за итна медицинска помош треба да достави информација до ИЈЗ за бројот на повици додека трае епизодата со алармантно загадување, до завршувањето и една седмица потоа. Државниот инспекторат за животна средина треба да почне со зачестена контрола на инсталациите со А-инегрирана екодозвола со контролни мерења на емисиите во амбиенталниот воздух. Сите органи на државна управата, агенциите, фондовите, јавните претпријатија и АД во државна сопственост, како на општините се должни да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила. Министерството за животна средина треба да достави препорака до инсталациите со А-дозвола да го намалат производството до 50 отсто, освен инсталациитете што произведуваат топлинска или електрична енергија. Ограничување ќе има и за градежните работи.
– Единиците на локална самоуправа се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на советите на општините – препорача Владата.