Од денеска па се до 22 август претпријатијата, занаетчиите, фармерите и сите претприемачите од руралните области ќе можат да аплицираат на овој јавен повик.
Вкупната финансиска поддршка во рамки на овој јавен повик изнесува 9,6 милиони евра со можност во текот на повикот износот да се зголеми. Средства се обезбедени со поддршка од 75 посто од ЕУ фондовите и 25 посто национално кофинансирање, а вкупно прифатливи трошоци на инвестицијата нема да надминуваат повеќе од 65 проценти.
Главна цел на оваа мерка, како што рече Бачовски, е поттикнување на вработувањата и зголемување на економската активност во руралните средини, преку развој и промоција на руралниот туризам, зачувување и развивање на занаетчиските активности, и мотивирање на руралното претприемништво.
Приоритетни сектори кои се поддржани од оваа мерка се инвестициите во алтернативно земјоделско производство, инвестиции во производство на прехранбени и непрехранбени производи, инвестиции во занаетчиски дејнсоти, инвестиции во услуги на рурално население и во руралниот туризам.
– Како корисници на мерката 7 се прифатливи физичките и правните лица кои спаѓаат во рангот на микро и мали претпријатија, а повратот на инвестициите е во висина од 65 проценти од вкупните прифатливи трошоци. На последниот повик преку мерка 7 склучивме 80 договори со вкупна поддршка од 8,5 милиони евра. Овие договори се зачеток на нови инвестиции во земјоделството, нови индустриски капацитети во руралните средини, нови сместувачки и угостителски комплекси кои ја збогатуваат лепезата на домашната тиуристичка понуда, потенцира Бачовски.
Министерот Хоџа ги повика сите заинтересирани физички и правни лица да аплицираат за оваа мерка и нагласи дека со реализацијата на овој јавен повик целосно ќе ги искористат средствата кои се на располагање од ИПАРД 2 програмата. Посочи дека искористувањето на финансиските средства од ЕУ во земјоделството и руралниот развој се на највисоко можно ниво од почетокот на ИПАРД програмите кај нас.
Оваа година, додаде тој, е трета по ред во која имаме максимална искористеност и нема да враќаме неискористени средства, а досега, како што посочи, се исплатени веќе 30 отсто од средствата на програмата, а потпишани договори се речиси 80 отсто од средствата.
Најави дека во тек се активности за подготовка на ИПАРД програмата 2021-2027 или т.н. „ИПАРД 3“ преку која се очекува нашата држава да добие за 60 отсто повеќе средства од ИПАРД 2 програмата, а за истата Хоџа посочи дека очекуваат да биде проширена за дополнителни четири мерки.
– Веќе се започнати консултации по однос на приграмскиот документ и предвидените мерки. Се очекува Европската комисија да ја усвои новата ИПАРД програма 2021-2027 за нашата држава во декември оваа година, веднаш потоа ќе биде објавен првиот повик од ИПАРД 3 програмата. И во новата програма верувам дека ќе бидеме лидери во регионот, нагласи Хоџа.