Во колумната за Conservative MK, Кристијан Мицевски набројува 5 можни сценарија на Путин: Продолжено заплашување, Предупредувачки или “казнени” бомбардирања, Легендарниот “копнен мост”, Повеќестрана офанзива или Патот кон Киев.

Мицески е политиколог по глобална и американска политика на Универзитетот во Лондон.

Разговорите Бајден-Путин за де-ескалација завршија. Американската амбасада во Киев издаде “препорака” до сите вработени за нејзините фамилии да ја напуштат Украина во најбрз можен рок. “Неумешноста” на Бајден за време на неговата прес-конференција каде де-факто му даде зелено светло на Путин како што пишуваат и го критикуваат сите западни медиуми и аналитичари и разговорите Блинкен-Лавров навидум во ќорсокак му даваат на Рускиот Претседател плеада на опции и за сега НАТО и ЕУ се прикажуваат како немоќни да го спречат во неговата замисла(која и да е).

Анализирајќи ги воените опции на Путин за Украина многу брзо се доаѓа до еден заклучок(проблем): Путин има капацитет да направи се, поточно сите пет опции коишто јас на кратко ги анализирам во оваа колумна се реално остварливи и во најголем дел зависат од самиот Путин и делумно од колку жестока ќе биде реакцијата на НАТО и Западот(иако досега впечатокот е дека заканите не вродуваат со плод кај Путин).

Од бомбардирања со авиони и воздушна поддршка на сепаратистите во Доњетск и Луганск(нешто слично на НАТО бомбардирањето врз Србија во 1999) или демонстративен но разорувачки копнеен упад(во стилот како што го направи во Грузија во 2008) па се до инвазија во стилот на Втората Светска војна каде што би ја анексирал пола Украина и би го ставил Киев во еден вид опсада каде што би бил заокружен од сите страни.
Сите овие опции се без проблем во можностите на Руската војска и секако ако судиме по досега распоредените повеќе од 100,000 војници близу границата со Украина, а по последните информации на пат се и нови трупи од Сибир, ова и те како покажува на сериозноста на Путин дека не сме далеку од дејство на Руската армија под водство на Ген. Валери Герасимов(шефот на Генералштабот на Руската армија) и попознат како човекот кој ја замисли “Герасимов доктрина” којашто во Русија беше претставена како одбранбена а на Западот и во САД како воинствена доктрина којашто подразбира комбинација од дипломатски,културни,економски,технолошки,информациски и воени тактики за постигнување на стратегиските цели.
И како што неодамна изјави Michael Kofman(директор за Руски работи во ЦНА, тинк-танк во Вашингтон): “Прашањето не е што ќе направи Путин”, прашањето е “како ќе изгледа воената операција/опција којашто ќе ги исполни целите на Русија”. Но, да почнеме од почеток.

КОИ СЕ ЦЕЛИТЕ НА ПУТИН?

Г-нот Путин во последните неколку недели изјави неколку збунувачки барања упатени до НАТО и САД. Но, знаеме дека барем досега тој имал две големи политички цели а тоа се: Исполнување на мировниот договор во Минск за Украина потпишан во 2015 година и секако познатите безбедносни гаранции од НАТО за запирање на проширувањето на НАТО на Исток т.е. долж границата со Русија.
Истотака, знаеме и дека целта на војната 2014-2015 во Донбас и следствено мировниот договор во Минск, не беше да се освои Украина, целта беше да се контролира одвнатре со тоа што ќе се поткопуваат и ослабнуваат нивните институции т.е. Украинската независност и со промена на уставот во Украина и други механизми ќе се спречи нејзиното понатамошно приближување кон Западот. Путин истотака по анексијата на Крим, иако неговите изјави на моменти се силни и застрашувачки,не покажува понатамошно расположение за анексија или освојување на дополнителна Украинска територија. Путин најверојатно сака да избегне безконечна окупација на непријателска територија и ризикот на герила акции, поточно не му треба уште една Чеченска војна. Најповолната опција за Путин би била да ја онеспособи или делумно уништи украинската армија и потоа да наметне мировен договор по негова мерка и да ги врати повеќето Руски трупи назад во Русија, нешто слично како што направи во 2015 во битката на Дебалтсеве или како што направи во Грузија во 2008 год.
И секако урбана битка во градовите не би било посакувано сценарио за Путин бидејќи судејќи по примерите во историјата тие секогаш се крвави, тешки и траат предолго, на пример Алепо во 2010 или Грозни во деведесетите години. На пример војната на “опкружување” и контрола одоколу би било најпосакувано сценарио и Русија веќе има искуство во ова: Русија застана на самиот влез од градовите во регионот Донбас во 2014 год или на пример кога Руската војска застана со напредување во самата близина на Тбилиси, Грузија во 2008 год.

Во кратки црти ќе се обидам да ги прикажам петте опции/сценарија на Путин:

Сценарио 1: Продолжено заплашување

Неколку опции му се на располагање на Путин а посебно сега по несмасната изјава на Бајден дека “во зависност од големината на инвазијата на Путин ќе зависи и јачината на одговорот на САД и НАТО” што де-факто сите аналитичари и медиуми на западот ја протолкуваа како крајно опасна изјава, покажување колебливост на НАТО членките и давање зелено светло на Путин да може да дејствува со “одмереност”. Секако, веднаш потоа прес секретарката на Бајден се потруди да го извади од крајно лошата позиција и таа како и плеада други високи функционери а и самиот Бајден деновиве излегоа со изјави дека “и само еден милиметар на влез на Руски војници на Украинска територија тоа за НАТО и САД би значело инвазија на суверена држава”… но штетата е направена !?

Сега Путин би можел да “добие покана” од Белорускиот диктатор Лукашенко за влез на Руски трупи на територија на Белорусија и со тоа да ја држи секојдневно северната граница на Украина под закана. Истотако, би можел да се определи кон распоредување на воени трупи под изговор на “мировна мисија” за заштита на Руските сепаратисти во Доњетцк и Луганск.

Независно за која од овие две опции би се одлучил Путин, несомнено ова ќе ја позиционира добро за воена интервенција во иднина и со тоа ќе стави огромен притисок врз Киев и НАТО да седнат на маса и да стигнат до некој договор со концесии од страна на НАТО и САД или фамозните гаранции коишто ги бара подолго време Путин.

Сценарио 2: Предупредувачки или “казнени” бомбардирања

Како второ сценарио, најверојатно Г-н Путин би се одлучил за искористување на најголемата сила на Руската армија: ракети,артилерија со долг дострел,крстосувачки ракети и воздушни бомбардирања коишто во комбинација би и заддале штети на Украинската армија т.е. непријателот. Анализирајќи ги достапните информации, Украина нема сила со која што би го возвратила ударот, а истотака воздушната одбрана и е од видот на модернизиран Советси ракетен систем за воздушна одбрана, што би можел да и пружа барем некаков отпор на руските бомбардери и да сруши неколку од нив, но би биле малку или целосно не-ефективни против ракетни напади. А истотака и нивниот број е недоволен, што би значело дека офицерите би морале да донесат пеколна одлука дали ќе ги бранат пограничните трупи или стратегиската инфраструктура, а со тоа веднаш би ја откриле својата позиција и би биле плен за уништување од страна на руските крстосувачки ракети.
Затоа и не е за изненадување повикот на Украинската влада за помош од НАТО за распоредување на познатите Американски “Патриот анти-ракетни системи” но засега без успех. Единствено Обединетото Кралство пред некој ден објави дека ќе испрати одбранбено противоклопно оружје заедно со мал контингент на инструктури и ова е за прв пат кога Британија испраќа смртоносно оружје како дел од операцијата “Orbital” која што започна во 2015 год веднаш по војната во регионот Донбас и отцепувањето на Крим. Но користењето само на воздушна сила и артилерија генерално не дава голем успех, успех каков што му е потребен на Путин за да ги седне на маса НАТО и САД и да им бара концесии т.е. гаранции на кои што тие би се согласиле, затоа и доаѓа на ред сценарио бр. 3.

Сценарио 3: Легендарниот “копнен мост”

Забележав веќе неколку западни аналитичари овде и во САД каде што очекуваат и прогнозираат дека првиот потег на Русија би бил заземање и ставање под контрола на М14 автопатот долж крајбрежјето на Азов измеѓу Крим и Руската граница. Тоа би значело користење на пешадија и оклопни дивизии со поддршка на огромна артилериска моќ за да се пробие коридор од Нозоазовск(контролиран од сепаратистите) преку крајбрежните градови Мариупол и Бердјанск па се до Кхерсон кај реката Дњепар. Придобивките од ова сценарио би биле нанесување болен пораз на Украина, со тоа што оваа операција би била доволна за престанок(ако се прифатат политичките барања на Путин) а во истовреме Русија ќе го има под контрола каналот на северен Крим којшто канал е од големо значење и се користи за проток на свежа вода за пиење и беше отсечен од страна на Украина по анексијата на Крим во 2014год.
Но, сепак ова сценарио е толку многу зборувано и може и да се каже очекувано така да елементот на изненадување го нема и би било малку веројатно Руските генерали и стратези да се одлучат за таков тесен и мал фронт којшто ќе и овозможи на Украина да ја стационира својата помала војска да се соочи со напаѓачите и да и зададе големи жртви на Руската армија, а дури и да доведе до ситуација русите да се повлечат поради големиот број жртви што би биле и на двете страни. На ова се надоврзува и фактот што во Мариупол на пример веќе подолго време украинските трупи се укопани и се подготвуваат за ова сценарио веќе добри 8 години.

Сценарио 4: Повеќестрана офанзива
Фактот што Украинците веќе подолго време се подготвуваат за сценариото опишано погоре најверојатно руските генерали и стратези се зафатени во исцртување и планирање на неколку различни акции кои што би се случиле најверојатно истовремено.
Една опција е да ги видиме руските трупи како ја поминуваат границата и навлегуваат во Кхаркив и Луганск кои што се наоѓаат на север од укопаните украински трупи долж регионот Донбас.
Тоа би ги ставило во пеколна ситуација украинските генерали дали да останат и да спречат какво било напредување од сепаратистите или да се повлечат за да избегнат да бидат заокружени од сите страни и со сигурност да доживеат пораз.
Друга опција би било истовремено офанзива од југот т.е. од Крим. Пред неколку месеци видов во германскиот весник Билд каде имаше протечено (секако намерно) план за инвазија за заземање на Одеса, најбитното пристаниште во Украина. Оваа опција според Роб Ли(соработник во програмата Евроазија на институтот за надворешна политика и истражување и поранешен Американски маринец) може да се каже дека ако би била изведена самостојно тоа би значело самоубиство од страна на руските трупи бидејќи украинците би можеле да се бранат бомбардирајќи го крајбрежјето или таргетирајќи ги авионите полни со падобранци, но ако е изведена паралелно со други опции т.е. операции тогаш секако ова има и те како логика, бидејќи би ги збунило украинските трупи не знаејќи од каде доаѓа главната офанзива и би можело да се случи тие да бидат заокружени и комплетно отсечени од логистичката поддршка, тоа би значело дека украинците би морале да се повлекуваат а особено што воздушната сила на Русија би им нанела огромна штета.

Сценарио 5: Патот кон Киев
Секако ова е најмалку веројатно но сепак возможно сценарио, од зависност на издржливоста на украинската војска и спремноста за предавање и прифаќање на условите на Г-н Путин, а тој несомнено ако веќе се одлучи на влез во Украина не би застанал се додека не ги добие своите барања што би значело напредување се до реката Дњепар и Киев. Но секако Киев не би бил ни малку лесен плен, градот е околу 3 милиони жители а скоро во целост се екстремно непријателски расположени кон Русија. По тоа што прочитав од други аналитичари и воени експерти, стариот град и најглавните владини згради се сконцентрирани на лесно одбранливи позиции. Теренот на кој што лежи Киев и дава предност на одбранбените сили. Единствено од страната на Белорусија руските трупи би имале полесна мисија за влез во Киев, но Г-н Путин најверојатно и не би имал потреба да влезе во градот. Претпоставувајќи дека поголемиот дел од украинската војска е уништена и половина и повеќе од територијата на Украина окупирана од руски војници и фактот дека Претседателската палата би била во дострел на руската артилерија тоа би било и повеќе од доволно за Претседателот Зеленски да мора да капитулира и да стави потпис прифаќајќи ги сите барања на Путин и Русија.

Како би се завршило ?
Мора да се напомене дека украинската војска е далеку поспремна, појака и вооружена од слабата армија која што Г-ин Путин ја порази во 2014 год. Поддржана од високо мотивирано и непријателски насочено граѓанско општество кое што од 2014 наваму е скоро во целост непријателски настроено кон руската агресија.
Друг факт е тоа што Украина е втора по големина земја во Европа по Русија, и секако окупационите сили би биле подложни на герилски против напади на нивната комуникациска и логистичка инфраструктура со секоја педа повеќе навлезени во непријателски настроената Украина.
Но, Руската војска е истотака многу повеќе модернизирана и секако е далеку посупериорна од Украинската во секој поглед.
Западот што и да направи, дали би било тоа против тенковските ракети “Javelin” или Американските против воздушни системи ”Patriot”, не би биле ни од близу доволни за да и парираат на Русија.
Затоа САД, НАТО и ЕУ како последен адут во рацете играат на неколку опции:
Финска и Шведска веќе официјално најавија дека ја разгледуваат опцијата за прием во НАТО поради се по непредвидливиот Путин, Европските држави би ги зголемиле своите воени буџети и својот допринес во НАТО и планот на Бајден за брутални санкции врз Руската економија(забрана за тргување во долари или забрана за користење на меѓународниот банкарски СВИФТ систем, црни листи за луѓето на Путин, блокирање на сметки и имоти во САД) коишто би ја парализирале целата руска економија, барем во најмалку од период од 8-12 месеци.
Прашањето е: Дали Путин им верува на западните лидери или сето тоа е уште еден блеф како Обама којшто се закануваше со празни флоскули, а патем сегашниот Претседател на САД беше негов заменик и Путин секако веќе и те како е охрабрен после катастрофалното, трагично и срамно повлекување на Американската војска од Авганистан. Бајден на почетокот на мандатот имаше изјава: “America is back(Америка се врати)”….. но јас би го прашал, се врати каде ? Дома ?!, пишува Мицевски.