Од денеска поскапува парното за 14,18%, но главна дилема останува дали воопшто ќе има доволно гас за да се произведе толинската енергија.

Регулаторна ја правела пресметката со проценка дека 70% од потребите ќе ги задоволи ТЕ-ТО, која е гасна централа. Сепак, нема гаранции дека ќе има непречен увоз на енегергенсот.

Универзитетскиот професор Константин Димитров смета дека само во идеални услови може да се очекува ТЕ-ТО да ја испорача планираната количина. Според него, главен проблем е што се уште нема информација дали Бугарија ќе одобри приклучување на алтернативните гасоводи од Грција.

-За да работи ТЕ-ТО треба да има купено гас. Не добивме информација. Пред една недела министерот најави дека ќе пише писмо до Бугарија да ни одобрат приклучување, но не знаеме до каде е со таа работа. Кога ќе се направат тие договори, тоа е второто прашање. И, ако нема гас треба да се набави мазут, да се транспортира, ама тогаш веќе нема да важи ова „ако“ работи ТЕ-ТО. Тогаш нема да работи, вели Димитров.

Ова е второ поскапување на парното годинава и со него просечна сметка од 1800 денари се зголемува за 250 денари. Одлуката за новата цена, според образложението на Регулаторната комисија за енергетика, се должи на драстично зголемените цени на гасот на светските берзи, кој се тргува по десет пати повисоки цени од пред кризата.

Доколку не се увезат потребните количини на природен гас за производство на топлинска енергија, како што укажаа од РКЕ, тогаш ќе мора да се користи мазутот за производство што е многу неповолно од еколошки аспект и е ризично за граѓаните.