Осигурителните компании денеска ги ги вратија старите цени на полисите за автоодговорност. Цената на полисата за автоодговорност е намалена 15,4 отсто, колку што беа зголемени на 24 април. Со ова граѓаните треба да одвојат 5 453 денари за полиса за осигурување за 44 до 55 киловатно возило, 6 166 денари за автоодговорност за возила од 55 до 66 киловати. За возило кое е од 66 до 84 киловати цената е 7 134 денари. За возило од 84 до 110 киловати цената се враќа на старо 8 510 денари, а за возила над 110 киловати, 10 294 денари.

Цените на полисите за автоодговорност се променија на 25 април, откако четири дена претходно осигурителните компании ја добиле информацијата за покачување на сумата на осигурувањето. Биле известени од страна на Националното Биро за осигурување. Но по објавување на ваквата информација во медиумите се огласи Агенцијата за супервизија на осигурување кои посочија дека зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување е неоправдан чекор на осигурителните компании.

По добиените известувања од осигурителните компании дека ќе ја зголемат цената направени се актуарски пресметки за проверка. По извршените актуарски пресметки утврдено е дека зголемувањето на цената, со дадените образложенија, не е оправдано. Поради тоа АСО го информираше и достави предлог до Министерството за финансии, во рамки на неговите законски надлежности, да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.И со тоа да го ограничи износот на режискиот додаток што ќе овозможи намалување на цената на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност, се вели во соопштението од Агенцијата.

Возврати Националното биро за осигурување тврдејќи дека актуелните пазарни услови предизвикале неопходност од промена на цената на полисата за задолжителното авто осигурување. Оттаму посочија дека бизнисот за осигурување на автоодговорност е неодржлив со сегашните цени.

Порастот на цената е предизвикан од континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, порастот на цената на резервните делови, порастот на платите и постојаната голема инфлациона тенденција.Општиот пораст на цените од 2008 до 2023 година изнесува 61,56 отсто.

Истовремено цената за осигурување од автомобилска одговорност не е променета веќе 15 години и е единствената категорија во нашата земја која не претрпела зголемување на цена, соопштуваат од Националното биро за осигурување, истакнувајќи дека цената на осигурување од автоодговорност во Република Македонија е најниска во регионот.

Од НБО посочуваат дека претходната цена на задолжителното авто осигурување била непазарна, прениска, меѓу најниските во регионот, непроменета уште од 2008 година и велат дека ја доведува во прашање исплатливоста на работењето на осигурителните компании во оваа класа, делувајќи демотивирачки на понудата на оваа полиса.

Без поскапувањето овој бизнис е неодржлив и ќе биде полека напуштен од страна на осигурителните компании – реагираа од НБО.

Се огласи и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи:

Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компани. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања 2 пати е доставен до Владата и 2 пати не е одобрен на владина седница.

На крај пресече Владата:

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата со Предлог- измени и дополнувања на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.

Усвоените измени и дополнувања од страна на Владата, се по предлог на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност при Министерството за финансии и со нив се утврдува опсег од 15% до 30%, во којшто друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност.

За износ на трошоците над 30%, предвидено е, друштвата за осигурување, да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување.

Владата одлука значеше враќање на цената на осигурувањето од автоодговорност на ниво од пред 25 април 2024 година. Од денеска во систем осигурителните компании ги имат старите цени.

Дополнително е утврдено дека Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност, најдоцна до 30 септември, секоја година, до Владата доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година.