Останува да се види како договорот од Брисел, и анексот од Охрид, ќе се ефектуираат на српското напредување кон Брисел. Како резултат на покажаната добра волја, ќе мора нешто да и попуштат. Факт е дека процесот е подолго време замрзнат. Сепак, неспремноста на Унијата да се шири е главната причина, иако Косово е реална пречка, пишува Ристо Никовски за Плусинфо.

Помина и Охрид, а Србија и Косово си останаа на исто растојание. Симптоматично беше, особено од страна на американскиот претставник, Ескобар, дека се минимизираа очекувањата. Очигледно, намерно. Реален бил стравот дека, со било какви поголеми надежи – сите ќе се посрамотат.

Пред Охрид, и двете страни беа под жесток притисок на Брисел и Вашингтон. Значително повеќе – Белград. Иако сите повторуваа дека мора да се формира заедницата на српски општини, сега се чини дека целта била да му се пружи некаква поддршка на српскиот претседател, Вучиќ, за да ги прифати договорот и анексот, отколку да се присили Приштина. Силеџиски, документите ги наметнуваше Брисел, иако во позадината стоеше Вашингтон.

Вучиќ, спремноста да ја брани Србија со отстапки, на драматичен начин ја бранеше во нивното Собрание. Тој јасно кажа дека Србија е ставена пред уцена дека – а) ќе и биде прекината визната либерализација; и б) не само што нема да има нови инвестиции, туку ќе се повлекувале и старите… Силен е впечатокот дека, за да си ги зајакне своите маневарски капацитети во преговорите, Вучиќ ги пренагласил заканите. Тешко е да се верува дека странците навистина користеле такви „аргументи“? Дека ги имало, не е спорно, ама до толку…

Впрочем, како и да постапеше Србија, странските инвеститори во никој случај не би се повлекле, а тешко е да се верува и на заканата за визната либерализација. Вучиќ, меѓутоа, тоа го илустрираше со Русија, од каде навистина заминаа сите главни западни инвеститори, се разбира под ултиматум на САД, и со огромни загуби. Сепак, Србија не е Русија, ниту ова има врски со војната во Украина, и таква казна – тешко дека би можела да добие. Меѓутоа, никогаш не вели никогаш. Не е спорно дека Косово е важно за Западот, особено за САД.

Претходно, во Брисел, Вучиќ го прифати наметнатиот договорот, без да го потпише. Тогаш, како некаков излез од ќор-сокакот, најави дека ќе следува анекс со којшто би се прецизирало спроведувањето на точките од непотпишаниот договор. Така, на ред дојде Охрид, и познато е што се случи таму.

Од снимките коишто ги видовме од средбата, јасна беше насмевката на косовскиот премиер, Курти, и намуртеното лице на Вучиќ. Тоа кажуваше се’. Впрочем, Курти беше спремен да потпише, и во Брисел, и во Охрид, ама не и Вучиќ. Тоа потврдува дека ставеното на маса, од страна на САД и ЕУ, не беше прифатливо главно за Белград. Во целина, може да се заклучи дека Србија беше поразена во оваа рунда на преговори, иако Вучиќ не го потпиша и анексот. За да нема никакви недоразбирања, и Ескобар, и високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Борел, веднаш јавно изјавија дека и договорот, и анексот, се меѓународно правно обврзувачки документи и за двете страни.

Тоа е апсолутно точно, и е во согласност со Виенската конвенција за меѓународни договори. Усните договори обврзуваат исто како и потпишаните. Така е дури и во трговското право. Особено кога има сведоци и кога тоа може да се докаже. Меѓутоа, клучниот проблем не е во (не) потпишувањето на договорите, туку во нивната реализација. Најчесто, нема никаква гаранција дека договореното, било потпишано или не, и ќе се спроведе. Најблизок пример за тоа е токму договорот од 2013 година, кога Приштина се обврза дека ќе формира заедница на српски општини, и ништо не направи. Истото се случи и со Привремената спогодба меѓу Македонија и Грција, од 1995 година. Дури и Меѓународниот судот за правда во Хаг пресуди во наша корист, ама за џабе.

Со оглед дека во Охрид немаше потпишан документ, со кој би се мавтало, Борел излезе пред новинарите со изјава, претходно договорена со двете страни. Во истата, меѓутоа – нема ЗСО! Место заедницата, се вели – “… Косово веднаш ќе иницира… воспоставување конкретни аранжмани и гаранции за обезбедување соодветно ниво на САМОУПРАВА ЗА СРПСКАТА ЗАЕДНИЦА на Косово, во согласност со релевантните претходни договори…“. Што се крие зад оваа фраза, тешко е да се каже. На прво поглед, тоа значи дека нема да има ЗСО, иако е можно тоа да е намерно изоставено, со цел да му се помогне на Курти, за да ја проголта до крај старата обврска. Сепак, ова е тешко за верување бидејќи директно оди на сметка на – Вучиќ!

Веднаш беше јасно дека тоа не е случајно, бидејќи и двете страни си останаа на претходните позиции. Вучиќ стави до знаење дека тие остануваат против приемот на Косово во меѓународните организации, особено во ООН, иако тоа беше веројатно најважниот дел од договорот од Брисел, и дека немаат намера да го признаваат како независна држава. Курти, пак, најави дека ќе се работи на “само менаџирање“ на Србите на Косово, а не спомна ниту самоуправа, камоли ЗСО. Силен е впечатокот дека Курти нема намера да ја формира заедницата.

Индикаторите зборуваат дека, во целина, косовскиот проблем е на исто ниво како и пред Охрид. Доколку не биле постигнати некакви тајни согласности, не е објективно да се очекува дека набргу ќе се случи нешто позначајно. Неизвесноста останува. Нема начин за враќање на Србите во институциите на Косово, што е најважно во моментов. Средбата во Охрид беше така оркестрирана за да не се добие впечаток дека нема резултати.

Факт е дека Србија демонстрираше флексибилност, дека покажа нагласен интерес да се бараат решенија ама јасно ги покажа и своите црвени линии. Впрочем, само формално е несогласувањето на Србија за членство на Косово во ООН. Белград не смее да се повлече од стратегиски причини. И да прифати Србија, нема теоретски шанси тоа да го дозволат Кина и Русија, како постојани членки на СБ на ООН. Тие, ќе го спречат од свои причини, а не заради Србија. Начинот на кој Косово беше со војна, насилно отцепено од Србија е преседан којшто, на директен начин, го загрозува територијалниот интегритет на овие две огромни земји. И, не само нивниот.

Истото, апсолутно важи и за евентуалното членство на Косово во ЕУ, каде пет членки (Кипар, Грција, Шпанија, Словачка и Романија) не ја признаваат неговата независност. Четири од нив, без Кипар, не го признаваат Косово и во НАТО. Некои размислувања дека, ако Србија го признае Косово, тоа ќе го отвори патот истото да го сторат и останатите европски држави, е чиста манипулација. И овие земји не го признаваат Косово заради свои причини, а не заради Србија.

Со цел да бидеме прецизни, ќе заклучиме дека Србија не го признава Косово само правно – политички додека, барем формално – правно, тоа одамна го има сторено. Првиот пат, кога Србија седна на иста маса со Косово, макар и без имињата на државите, Белград се согласи дека е тоа нов правен ентитет. Тоа е повеќе од евидентно сега, кога двете страни преговараат, иако преку посредници, и без да се поздравуваат меѓу себе. Србија, пак, немаше избор отколку така да постапи. Во слични ситуации, тоа е редовна меѓународна пракса. Во спротивно, самата ќе се изолираше. Ќе беше надвор од бројни меѓународни настани, со оглед дека (речиси!) сите Западни држави ја признаа независноста на Косово и го канеа на сите регионални случувања, и не само на нив. Впрочем, истите тие Западни држави, и го отцепија нелегално од Србија. Сега се бара само начин како да се легализира целата таа операција, реализирана надвор од меѓународните норми. Ништо друго.

Останува да се види како договорот од Брисел, и анексот од Охрид, ќе се ефектуираат на српското напредување кон Брисел. Како резултат на покажаната добра волја, ќе мора нешто да и попуштат. Факт е дека процесот е подолго време замрзнат. Сепак, неспремноста на Унијата да се шири е главната причина, иако Косово е реална пречка.

И, за крај, Македонија не може да биде незаинтересирана околу решенијата коишто (ќе) се применуваат за Србите на Косово. Имаше место за наша јанѕа уште од првиот момент кога се официјализира заедницата на српски општини (2013). Се наметна прашањето – дали носителот на оваа идеја, а тоа се секако САД, ист “рецепт“ немаат и за решавање на “албанското национално прашање“ во Македонија? Таа јанѕа уште стои. Една албанска партија во земјава, иако маргинална, веќе ја спомна таквата опција, што би значело дефинитивна федерализација на државата. Прашање за милион долари е – кој стоеше зад тоа? Дали тоа беше само пробен балон или (со некого?) договорена подготовка на јавното мислење? Во секоја случај, за Македонија е подобро да се најде некое побезболно решение на Косово, отколку формирање на ЗСО.