Вкупно 72 претставки за безбедност на храната од кои 12 за променети органолептички својства кај млечни и сувомесни производи, 10 со наводи за присуство на контаминенти, 10 за сомнеж во безбедноста на производите и осум за сомнеж за труење со храна, се поднесени до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во првите шест месеци од годинава.
Сепак, податоците на Институтот за јавно здравје со кои располага АХВ, покажуваат дека досега е евидентиран само еден случај на труење со храна, неодамна, во фабриката „Кромберт“ во Битола.
Како што вели за МИА директорот на АХВ, Николче Бабовски, продолжуваат засилените и вонредните инспекциски контроли, посебно во туристичките центри, зашто во ек е летната сезона.
– Целта на засилените контроли е спречување евентуални труења и инфекции од храна кои лесно може да се случат како последица на високите температури. Со контролите се опфатени сите туристички центри, вклучително и планинските. Официјалните ветеринари и инспекторите вршат надзор на хотели, ресторани, пицерии, слаткарници, бурекчилници, пекарници, сендвичарници, ќебапчилници, кафе-барови, маркети и други оператори со храна, каде во овој временски период има зголемена фреквенција на туристи, нагласува Бабовски.
Зајакнати контроли, дополнува директорот, се спроведуваат и во малопродажните објекти во сите населени места.
Но, паралелно со контролите, се постапува и по поднесените претставки од страна на потрошувачите, а се спроведува и мониторинг програмата за безбедност на храната во рамки на која се земаат мостри од различен број производи и лабораториски се тестираат.
Во првите шест месеци од годинава, инспекциските служби на АХВ спровеле вкупно 22 564 надзори, при што утврдиле само 1 072 недоследности за кои се изречени соодветни мерки. Како небезбедни, од страна на инспекторите и операторите се уништени околу 54 тони храна, најголем дел или 53 070 килограми храна од животинско потекло.
-Ги охрабруваме граѓаните секоја недоследност во однос на безбедноста на храната да ја пријават на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22, но и лично или на info@fva.gov.mk, истакнува Бабовски и додава дека безбедноста на храната е грижа на сите вклучени во системот, почнувајќи од државата и институциите, операторите со храна, но и потрошувачите.
Во 2021 година беа пријавени две труења, а во 2020-та имаше само еден случај. Во 2019 година евидентирани се три инциденти, во 2018 година вкупно осум, а во 2017-та 10 труења со храна.
– Потврда на функционалноста на интегрираниот систем за контрола на безбедноста на храната што го има имплементирано АХВ е фактот дека од година во година се намалува бројот на случаите на труења со храна на лица кои завршиле на болничко лекување, оценува Бабовски.