Уставниот суд на денешната седница не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 5 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, склучен помеѓу МВР и Македонскиот полициски синдикат.

Подносителот на Иницијативата смета дека согласно содржината на оспорената одредба, не му се дозволувало на Гранскиот независен синдикат на полицијата да биде рамноправен партнер во остварувањето на правата на членовите на Независниот синдикат и на сите вработени во Министерството. Според наводите во иницијативата, се привилегира само еден синдикат, а се дискриминирани другите два синдикати, поради што оспорената одредба не е во согласност со членот 9 од Уставот.

Предметот оформен по Иницијативата за член 19 став 16 од Законот за административни службеници е одложен за некоја од наредните седници на Судот поради дополнително доработување на рефератот. Во Иницијативата се наведува дека со оспорениот член не се дадени никакви други дополнителни материјални критериуми со помош на кои поблиску би било определено кој е тој „надлежен суд” пред кого незадоволниот административен службеник може да поведе постапка односно да поднесе тужба и да побара правна заштита. Дополнително, подносителот наведува дека оспорената одредба создава нејасност во праксата и остава можност за различно толкување на тоа кој суд е надлежен да постапува против одлуките на Агенцијата.

На денешната седница беше отфрлена Иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за Детален урбанистички план за станбена заедница број 4 и 2 Реонски Центар Запад, Блок 1 – Општина Битола, донесена од Советот на Општина Битола под број 09-135/5 од 08.10.2018 година.

Исто така. беше отфрлена и Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Решението на Комисијата за денационализација со седиште во Скопје, Општина Центар ДН. Бр.17-08-302/1 (314) од 03.08.2002 година.