ОЕЦД проценува дека светската економија годинава ќе порасне за 5,6 отсто, во 2022 година растот би требало да забави на 4,5 отсто, а во 2023 година на само 3,2 отсто, потврдувајќи ја всушност претходната проценка.
Економијата силно закрепнува, а компаниите тешко го одржуваат чекорот со бранот од зголемена побарувачка предизвикан од олеснувањето на епидемиолошките мерки, предизвикувајќи стагнација во глобалните синџири на снабдување и поттикнувајќи ја инфлацијата ширум светот, посочува ОЕЦД.
Инфлацијата само привремено зајакна, проценува ОЕЦД, придружувајќи им се на владите и централните банки ширум светот кои предвидуваат олеснување на цените во наредниот период.
Кога побарувачката и понудата ќе се нормализираат, инфлацијата ќе ослабне, заклучуваат тие.
„Главниот ризик, меѓутоа, е дека инфлацијата би можела повторно да не изненади и да продолжи да зајакнува, принудувајќи ги централните банки на водечките економии порано да ја заострат монетарната политика и во поголема мера отколку што се предвидуваше“, наведува ОЕЦД.
Доколку овој ризик се намали, инфлацијата како целина најверојатно ќе достигне врв од пет проценти, а потоа постепено ќе слабее на околу три проценти до 2023 година, соопшти организацијата чие седиште е во Париз.
Во тој контекст, во моментов најдобро е централните банки да чекаат да се смират тензиите во понудата и да сигнализираат дека ќе преземат мерки доколку се појави потреба, велат од ОЕЦД.