Ефикасноста на јавната администрација во Македонија останува клучен предизвик. Иако веќе подолго време се апелира за реформи, според Светска банка и Европската комисија, напредокот е ограничен. Проблемите со продуктивноста, ригидноста на платите и политизацијата го попречуваат развојот на јавниот сектор, кој учествува со 22% од вкупната вработеност во земјата.
Светска банка: јавната администрација е голема, но неефикасна
Според податоците на Светска банка, јавниот сектор во Македонија е споредбено обемен, но неефикасен.
„Македонија троши 7,3% од својот БДП на јавната администрација, што е под просекот на ЕУ. Сепак, јавниот сектор опфаќа речиси една петтина од вработените во земјата, додека продуктивноста е за 48% пониска од приватниот сектор,“ нагласуваат од Светска банка.
Од таму предупредуваат дека автоматското зголемување на платите, според националната бруто просечна плата почнувајќи од 2024 година, може да предизвика инфлаторни ризици.
„Системот на плати е нефлексибилен и неповрзан со успешноста. Платите во јавниот сектор се повисоки од просекот, а тоа ја поткопува економската стабилност,“ истакнуваат од Светска банка.
Политизација и слаби механизми за ефикасност
Главен проблем во јавната администрација, според Светска банка, е политизацијата на вработувањата и слабите механизми за управување со успешноста.
„Организациските структури и системот на плати се ригидни. Недоволните санкции за слабото работење, како и пополнувањето на позициите по политички заслуги наместо според компетенции, го попречуваат напредокот,“ објаснуваат од институцијата.
Реформите треба да се фокусираат на:
- Рационализација на бројот на вработени.
- Инвестирање во професионален кадар преку засилено управување со успешноста.
- Одвојување на растот на платите од автоматската индексација.
Владата подготвува пилот-проекти за реформи
Од Владата велат дека јавната администрација ќе биде реформирана преку нови мерки и пилот-проекти.
„Имаме во план неколку сценарија за рационализација на јавната администрација. Законот за јавната администрација ќе биде основа за реформи, насочени кон подобрување на ефикасноста и продуктивноста,“ истакнуваат од Владата.
Потреба од ефикасни и стабилни реформи
Европската комисија, Светската банка и другите меѓународни институции посочуваат дека јавниот сектор мора да се модернизира. Препораките вклучуваат рационализација, управување базирано на заслуги и стабилизирање на економските ризици. Ефикасните реформи се клучни за да се обезбеди владеење на правото и подобрување на јавните услуги за граѓаните.