Пратеникот Тимчо Муцунски денеска рече дека за опозицијата еколошката такса е форма на кризен данок.

-Без двоумење ќе го блокираме овој Предлог закон, користејќи ги сите постоечки демократски механизми и ќе го спречиме неговото донесување. Во случај мнозинството да продолжи да го прави тоа што го прави најдобро, а тоа е насилно и надвор од процедура да донесе уште еден закон кој удира по џебот на граѓаните, тогаш приоритет на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде целосна ревизија на сите анти-пазарни политики, меѓу кои и високите даноци, истакна Муцунски.

Тој потенцира дека партијата нема задршка во однос на потребата за адресирање на современите еколошки предизвици, но за тоа, додава Муцунски, постојат редица на прифатливи начини, други финансиски инструменти и соодветни мерки. Според него, граѓаните ќе осетат вистински ефекти преку намалување на даноците и давачките кон власта.

-Вo овој тежок кризен период не смееме да дозволиме најсилно да бидат оштетени граѓаните и стопанските субјекти. Токму oвој владин предлог за воведување на нова давачка со која практично се зголемуваат цените на горивата за граѓаните, со сигурност ќе влијае кон нов бран на зголемување на цените на транспортот и на сите други производи, зголемена неконкуретност на македонските компании на светскиот пазар, за да во овие кризни времиња има потенцијал да предизвика и дополнителен шок на целата македонска економија, потенцира пратеникот.

Вчера и Алијанса на Албанците и Алтернатива најавија блокада на законското решение со кое литар гориво ќе поскапи за 3,5 денари плус ДДВ.

Наспроти најавите за блокадата од опозицијата, вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими денеска на седницата на Комисијата за јавно-приватен дијалог објаснуваа дека еколошката такса ќе значи формирање на посебен фонд со кој ќе се обезбедат подобри услови за зелен развој.

Тие објаснија дека висината на еколошката такса од дериват до дериват се разликува, при што најголема такса се планира за бензинот, дизелот, екстра лесното масло и мазутот за кои таксата ќе изнесува по 3,5 денари за литар, додека таксата за безоловниот бензин таксата ќе биде 3,1 денари за литар.

Од Владата објаснуваат дека заштитата на животната средина и овозможување на зелен и одржлив развој е еден од врвните приоритети на Владата на Македонија и токму во таа насока средствата ќе се прибираат во посебниот фонд, а кои на годишно ниво би изнесувале околу 50 милиони евра. Потоа велат, тие ќе се насочат токму во еколошки проекти.