Преговарачите денеска ги продолжија разговорите во Виена за обновување на договорот од 2015 година, а Мора рече дека сите учесници покажале подготвеност да ги слушнат ставовите на новата иранска делегација.
– Имам позитивно чувство дека можеме да направиме важни работи во наредните недели, изјави Мора.
Тој додаде дека иранската делегација јасно ставила до знаење оти е подготвена за „сериозна работа“ со цел договорот повторно да биде функционален.
Надежите дека е можен брз напредок не беа големи пред продолжувањето на преговорите, бидејќи тврдиот став на новата иранска Влада доведе до петмесечна пауза, потсетува Бета.
САД го напуштија договорот со Иран во 2018 година, а претставниците на преостанатите потписнички, меѓу кои Русија, Кина, Франција, Германија, Велика Британија и ЕУ, денеска се сретнаа во хотелот каде што беше потпишан договорот пред шест години.
Членовите на делегацијата на САД, предводена од специјалниот пратеник на Белата куќа за Иран, Роберт Мали, денеска беа во блискиот хотел, каде што дипломати од други земји ги информираа за преговорите.
Американскиот претседател Џозеф Бајден навести дека сака повторно да биде дел од преговорите. Претходната рунда се одржа во јуни со цел Иран повторно да почне да ги почитува одредбите од договорот и да ја отвори вратата на САД за враќање во разговорите.
Дипломатот на ЕУ Мора рече дека е „потребно итно да се стави крај на страдањата на иранскиот народ“, мислејќи на строгите санкции што САД повторно ги воведоа против Иран по напуштањето на договорот.
– Постои и итна потреба иранската нуклеарна програма да биде под транспарентен надзор на меѓународната заедница. Она што беше норма во првите шест рунди преговори ќе биде практика и во оваа седма, рече Мора.
Според нуклеарниот договор од 2015 година, Иран се согласи да го ограничи збогатувањето ураниум во замена за укинување на економските санкции.
Откако САД се повлекоа од договорот во 2018 година и воведоа санкции кон Техеран, Иран ги надмина дозволените количини складиран ураниум, збогати ураниум повеќе од договореното и користеше понапредни центрифуги во нуклеарните капацитети, забранети со договорот.
Техеран тврди дека ја користи својата нуклеарна програма само за мирољубиви цели, додека американските разузнавачки агенции и меѓународните инспектори велат дека Иран имал организирана програма за развој на нуклеарно оружје до 2003 година.
Ситуацијата е отежната и поради фактот што инспекторите на Обединетите нации сè уште не можат целосно да ја следат иранската програма бидејќи Техеран им го ограничи пристапот.
Минатата недела, патувањето на директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси во Иран не донесе никаков напредок.
Пред денешното продолжување на преговорите, израелскиот премиер Нафтали Бенет ги повика светските сили да не попуштаат пред нуклеарната уцена на Иран.
Во видеопорака до претставниците на големите сили, Бенет изјави дека Техеран се обидува „да му се укинат санкциите, а за возврат да не направи речиси ништо“.