Кога станува збор за омикрон сојот на коронавирусот, Озборн вели дека се уште се чекаат разни нови податоци за новиот вид на вирусот, не само од „Фајзер“ и „Бионтек“, туку и од владите и здравствените системи ширум светот.

– Мислам дека веќе имаме основни информации за вирусот, а знаењето за мутациите е многу добро документирано. Се уште ни требаат информации за три фактори – нивото на пренос на новата варијанта и дали ќе ја „измести“ делтата, тогаш треба да го знаеме влијанието на омикронот врз хоспитализирањата и потенцијалната смрт при тешка болест, и трето, многу важно, информација за тоа колку е ефикасна вакцината во оваа варијанта, рече Осборн.

Тој додаде дека во неделите што следат ќе има повеќе податоци за сите три фактори, „што ќе резултира со одлуки што ќе ги донесат ‘Фајзер’, но и владите ширум светот“.

– Можам да кажам дека сме подготвени. Доколку ни треба нова вакцина, можеме да ја развиеме и произведеме во големи количини. Но, во меѓувреме најважно е сите возрасни да добијат бустер доза, истакна Осборн.

Запрашан колку долго на луѓето ќе им требаат дополнителни (засилувачи) дози, тој рече дека е „многу тешко да се предвиди на долг рок, со оглед на тоа што никој не може со сигурност да предвиди како ќе се развие вирусот во иднина“.

– Според досегашните научни сознанија, веројатно ќе ни треба одредено ниво на ревакцинација на возрасната популација во наредните години. За жал, не знаеме дали тоа ќе биде ревакцинација на секои шест месеци или секоја година, како што правиме во случајот со вакцинација против различни видови на грип, рече Осборн