Обврски не се преземени. Во Софија воспоставен е отворен дијалог за позициите на двете страни во однос на прашањата. Ние разменувавме идеи за можни решенија по однос на сите тие точки кои се споменуваат, а се комплементарни на основната идеја што ја дава португалското решение, изјави вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи на гостувањето на телевизија Канал 5, во однос на писмото од бугарското МНР.
– Овие решенија се разменети како идеи и предлози на состанокот. Идејата и договорот беше на нив да се одговори пред Самитот. Доколку имаме договор, тоа да се преточи во поддршка и тогаш би имале комплетен договор – дефиниран патоказ, прашањата кои ги решава предлогот на поругалското претседателство во однос на јазикот и позицијата на патоказот во европскиот процес и плус зелено светло за почетокт на преговоир. И имаме комплетно решение. Негативното е што овој одговор од Софија доаѓа после Советот, значи ја немаме одлуката, но предноста е што ова е индикација дека начелно се прифаќаат идеите како да се надмине проблемот, појасни Османи.
Жално е, посочи Османи, што стигнавме во ситуација да бараме гаранции – Бугарите од нас да бараат гаранции за имплементација на договореното, а ние сега да кажеме „па и јас сакам гаранција дека ќе добиеме зелено светло за почеток на преговорите“.
Се обидувам, рече Османи, барем од првото читање на писмото, да го интерпретирам како прифаќање на решенијата, како конечно решение.
– Тоа сепак, треба да е поврзано со одлуката за започнување на преговори, бидејќи целта и на Договорот од 2017 година е разликите да стават во една рамка и заеднички да ги најдеме решенијата и да ги преземеме обврските, посочи Османи.
Не сметам, нагласи Османи, дека ова прашање може да се реши со еднострани решенија.
– Договорот од 2017 година, во суштина, го имаше токму овој момент, дека едностраните обиди претходно не вродуваа со плод, туку напротив само ги кочеа билатералните односи. Договорот воведе рамка, во која на паритетна основа, на добра волја ги ангажираше двете страни да разговараат, да наоѓаат решенија, да ги имплементираат и заеднички да го мониторираат имплементирањето на Договорот. Така што не сметам дека и сега ние треба да се вратиме во ситуација пред Договорот од 2017, со едностран пристап, изјави Османи.
Во Софија, нагласи Османи, се разговараше за идеи како да се надминат разликите.
– На пример, во однос на краткото име. Едно од барањата на Бугарија беше секаде да стои само Република Северна Македонија, додека Северна Македонија да се исфрли од употреба. Ние сметавме дека тоа не треба да е така, и дадовме предлог дека најдобро ќе се реши, доколку со една изјава ние кажеме дека краткото име е исто, како што е и долгото име, изјави Османи.
Во однос на точката, која се однесува на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, Османи рече дека во 2006 година, Собранието веќе има донесено ваква слична резолуција, и воопшто не гледа ништо спорно да се усвои една таква резолуција.
За содржината на учебниците, Османи рече дека прашањата на стереотипите и говорот на омраза треба да бидат расчистени и за тоа да се најде заеднички наратив.
– Во Договорот стои заедничка историја и ние можеме да го преведеме како споделена или ваква или таква, но во Договорот стои заедничка историја меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија. Европскиот пристап е поинаков. Едноставно секој си има свој поглед во однос на конкретен историски настан и историска личност и двете страни ги почитуваат или пак во учебниците се објаснуваат двата погледи и тоа е дел од проблемот. Затоа сметам дека историската Комисија не е ниту замислена да може да најде решение за една или две години. Тоа е тежок процес, изјави Османи.