Министерот за надворешни работи, Бујар Османи се уште молчи за подароците кои тој и членовите на делегацијата ги добиле при официјалната посета на Јордан, пренесува А1он.
Секторот за протокол во Министерството за надворешни работи петти ден молчи за подароците што ги добиле министерот и делегацијата на МНР при посетата на Јордан и не одговара на прашањата на „А1он“ дали вредноста на подароците добиени при посетата на Кралството Јордан е во согласност со нашите закони, кои го регулираат тоа прашање.
Портпаролот на МНР за „А1он“ потенцираше дека тоа е надлежност на секторот за протокол и ќе има информации кога ќе заврши проверката која пак трае од вторникот наваму.
„Кога ви доаѓаат високи делегации или одите на официјална посета, во тимот на делегацијата има т.н. гифт-офицер, односно лице задолжено за подароците како дел од протоколот. Пред посетата на висока делегација тој има задача да комуницира со гифт-офицерот од гостинската делегација и да договори дали ќе се даваат подароци. Ако се даваат, се напоменува до која вредност, со цел да има сразмерен однос. Ова е дипломатска пракса насекаде во светот со цел да не се доведе министерот или амбасадорот во незгодна ситуација“, објаснуваат дипломати за „А1он“.
„А1он“ претходно објави дека при посетата на Кралството Јордан, Османи од домаќинот добил на подарок златен „ајфон 14“ кој во малопродажба чини најмалку 2.700 евра, а делегацијата што го придружуваше била дарувана со накит.
„Десетина луѓе во делегацијата добиле златен накит, односно златни синџирчиња, а министерот добил подарок телефон со дијаманти. Тоа се многу скапи подароци. Можеби владините министри на Кралството Јордан имаат таква традиција да подаруваат скапи подароци, но ние немаме законска можност да примаме како дипломати такви луксузни предмети“, открива дипломатскиот извор за „А1он“.
Според член 73 од Законот за надворешните работи, дипломатскиот службеник не треба да прима подароци и други материјални средства, освен вообичаените лични подароци од мала вредност во согласност со прописот.
Законот за вработените во јавниот сектор го регулира и прашањето што се однесува на примање подароци. Според член 39 од овој закон, вработените во јавниот сектор не смее да примаат подароци поврзани со нивната работа со исклучок на протоколарни и повремени подароци од пониска вредност.
„Подароци што не ја надминуваат вредноста од 1.000 денари или подароци добиени од иста личност чија вкупна вредност не надминува 3.000 денари во дадена година, се сметаат за подароци од пониска вредност. Подароци, пак, примени од страна на службени лица или од меѓународни организации дадени за време на посети, гостувања или во други слични околности се сметаат за протоколарни подароци“, стои во член 39 од овој закон.