Заради променетите навики на граѓаните и фирмите, а особено со растот на е-трговијата, од Агенцијата за пошти очекуваат трендот на интерес за лиценцирање да ја одржи нагорната линија во текот на следната година.

Во таа насока, како што најави директорката на АП Билјана Аврамовска Ѓореска, регулаторното тело следната година ќе направи измени и дополнувања на Правилникот за содржината и формата на нотификацијата и потребната документација за таа намена. Со измените ќе се допрецизираат и ќе се зајакнат критериумите за капацитетот и инфраструктура на потенцијалните правни субјекти кои поднесуваат нотификација за општо овластување за обезбедување на поштенски услуги.

На јавната седница на АП беше објавено дека годинава до регулаторот биле поднесени 48 претставки, од кои 39 од физички лица, а девет од правни лица. Најголем дел од претставките, 16, се однесуваат на услугите на националниот давател АД Пошта на  Македонија, а во нив корисниците се жалеле на нередовна или неуредна достава. Триесет и две претставки се за услугите на другите даватели на поштенски услуги, за проблеми со доставата, повеќето за оштетување на пратки, за пречекорување на рокот на достава, за статусот на пратките кои не се доставени. Граѓаните реагирале и за високите царински трошоци кои се наплаќаат од давателите кои работат во меѓународниот сообраќај.

АП годинава извршила девет надзори, а при вонредните овластените лица за надзор кај пет од субјектите констатирале прекршоци и против сторителите на правни лица и нивните управители се поведени прекршочни постапки пред Основниот кривичен суд Скопје.

-Заради обидите на лиценцираните даватели на поштенските услуги да го намалат врз себе притисокот од нерегистрираните е-трговци, во годината која изминува Агенцијата бележи најголем број на т.н диви даватели. Во борбата со сивата економија и нелојална конкуренција во поштенскиот сектор, Агенцијата успеа да открие и лоцира неколку од нив, а санкционираше четири правни лица, информираше Аврамовска Ѓореска.

Од почетокот на јануари годинава пазарот беше отворен за целосна конкуренција, но со законски измени на 14 јули повторно беше вратен поштенскиот монопол. Новиот датум за целосна либерализација е 1 јануари 2022 година. Аврамовска Ѓоревска, како и во претходните годишни осврти за состојбите на пазарот, предупреди дека уназадувањето на отворањето на пазарот и обновувањето на монополот не само што не е во согласнот со обврската од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, туку и создава правна неизвесност за деловните субјекти, операторите и граѓаните. АП и понатаму останува на ставот дека давателот на универзалната услуга – националната Пошта треба да се прилагоди на европските стандарди и акцентот да го стави на поголемо учество на пазарот на пакети како најбрзо растечки сегмент од поштенскиот пазар.

Според статистичкиот извештај за првата половина од годинава, бројот на рекламации кај давателот на универзалната услуга е зголемен за 2,9 проценти, а кај давателите на слободниот пазар за 3,6 проценти.

До националната Пошта имало 458 рекламации, од кои 449 за препораќани писма, а девет за пакети, акај останатите даватели вкупно 313, од кои 226 за пакети.  Деведест и осум проценти од  корисницте на услугите на давателот на универзалната услуга рекламираке за избугени препорачани пратки. До субјектите на слободниот пазар пак најмногу рекламации имало за оштетена односно  намалена содржина на пратките.Седумдесет и двапроцента од вкупните рекламации се однесуваат  на пакети по основ на оштетена односно намалена содржина на пратката.

Давателот на универзалната услуга бележи зголемување на услугата пакети за 23,5 проценти во однос на 2020 година и учествува со 2,52 проценти во вкупниот обем на пакети на пазарот во државава. Давателите на поштенски услуги на слободниот пазар, пак, имаат зголемување на вкупниот обем за 42 проценти, на пратките за кореспонденција  за 6,9 проценти, на директната пошта за 80 проценти и на пакетите за 76 проценти.

-Зголемувањето на пакетските услуги е резултат на големата понуда на е-трговијата и на пратките со откупнина и вниното зголемено користење од страна на корисниците, инфорираше, Данијела Спасиќ Томовска, раководител на директоратот за следење и анализа на пазарот во АП.

АД Пошта на  Македонија остварила за 10 процети помалку приходи во првата половина од годинава во однос на истиот период лани, но имала поголеми расходи. Кај давателите на слободниот пазар има зголемување на приходите за околу 26 проценти.

Поштенските услуги во државава ги обезбедуваат вкупно 44 субјекти, од кои 23 низ целата држава, а девет од нив се со дозвола за меѓународен сообраќај. Останатите 21 се на одредено  географско подрачје. Во првата половина од годинава во Пошта на РМ имало 2220 вработени, односно 60 проценти од вкупно вработените во поштенскиот сектор, а давателите на слободниот пазар 1442 и бележат раст од 21 процент.