За повисоки плати за 1.060 фунцкионери се најдоа пари во буџетот. За вработени во јавниот сектор, Бесими предлага зголемувањето да биде од следната година. На денешниот брифинг тој кажа дека досегашната плата му била 71. 145 денари, а за април му се исплатени 125.960 денари, пренесува Телма.
Примањата на Бесими пораснале за нешто над 50 илјади денари. Приближно колку што му е потребно на едно семејство за да ги покрие основните трошоци во месецот. Кај некој функционери зголемувањето е и поголемо. Но, Бесими тврди – сега не е најповолно време за усогласување и зголемување и на платите во јавниот сектор, поради инфлацијата.
Не сум многу омилен министер кај синдикатите, затоа што велам дека не може да се покачат платите во јавниот сектор ако нема зголемување на продуктивноста и ако не се зголемат платите во реалниот сектор. Сметам дека сега не е најповолно време бидејќи ќе има импликации на инфлацијата и ќе го зголеми дефицитот во Буџетот. Усогласувањето на платите на Економско-социјалниот совет ќе трае подолго, а методологијата за зголемување на плати може да се донесе побрзо, рече Фатмир Бесими- министер за финансии.
За синдикатите пак е неприфатливо зголемувањето да почне од идната година.
Ставот на синдикатото е многу јасен. Основниот коефициент за пресметување на платите да биде просечната плата, помножена со коефициентите исто како за фунцкионерите и истата да почне да се применува- исплаќа веднаш по потпишување на колективниот договор. Не е прифатлив предлогот исплатата да почне од идната година, ниту пак зголемувањето да биде во период од 5 години, вели Трпе Деановски – УПОЗ.
Освен министерот Бесими, и минисетрот Спасовски викендов кажа со покачувањето колку е неговата плата.
Мислам дека 153 илјади е платата, рече Оливер Спасовски- министер за внатрешни работи.
Со зголемувањето претседателот Пендаровски кажа дека има плата од 165 000 денари. Претходно вицепемеирот Груби се пожали дека неговата е најниска, а министерот за земјоделство, Николовски не знаеше колкаво зголемување добил, затоа што ги изгубил картичките во Брисел.
Неодамна Уставниот суд укина одредба од законот за плати за коефицинетите на плати со која се овозможи на јавно избраните фунцкионери да им се зголемат платите до 78 отсто. Според пресметките за зголемените функционерски плати, годишно се потребни над 15 милиони евра.