Од денеска компаниите производители на основни продукти добиваат поевтина цена на електричната енергија, како дел од антикризните мерки преземени од страна на Владата. Таа е фиксирана на 80 евра за мегават час, што е двојно поевтино од цената на регулираниот пазар. Од Владата најавија дека ова  ќе доведе до намалување на цените за крајните потрошувачи и дека веќе е намалена цената на лебот, како и на некои млечни производи и масла за јадење, додека во следниот период ќе се намалат цените и на останатите основни продукти помеѓу пет и 13 отсто.

Според Групацијата за преработка на месо и производи од месо при Стопанската комора, цените се намалени за пет проценти, пред се на домашното свежо свинско месо, но, сепак, секоја компанија поединечно си одлучува по колку ќе ги продава своите производи. За да се намали, пак, цената на месните проозводи веднаш, за над 10 – 15 проценти, потребно е ослободување од царините за увоз на смрзнато свинско месо за преработка што беше во сила четири години и заврши во јуни 2022 и доведе до поскапувања.Групацијата порача дека правилата за добивање субвенционирана струја мора да се објават јавно и јасно и да важат еднакво за сите правни субјекти од секоја соодветна гранка.

-Уште денеска ги намаливме цените на одредени производи, верувајќи и на Владата дека мерките ќе бидат ефективни. Намалени се околу 50-на производи, дел од свежото свинско месо и дел од пилешкиот асортиман, но до кога ќе важи тоа не знаеме зашто некои компании се одбиени и се ставени во нерамноправна положба, истакна претседателот на Групацијата  Гоце Трајчев. 

-Сите овие компании инвестирале во фотоволтаици за сопствени потреби што е одлично, но сега се покажа како недостиг и ќе ги обесхрабри за ваков тип вложување во иднина, потенцира Трајчев.

Од Комората информираат дека вчера попладне добиле соопштение од ЕВН во кое се информира дека компаниите кои имаат фотонапонски централи, имаат вишоци струја и за нив договорите ќе треба да се доработат за да се регулира продажбата на тие вишоци.

Од терен пак информациите покажуваат дека лебот ќе поевтини само не денеска, туку во текот на месецот, цената на зејтинот е веќе намалена, а тие на местото се условени од укинување на давачките на увезените суровини. Од Пазарниот инспекторат најавуваат засилени контроли на терен и казни за трговците кои нема да ја почитуваат одлуката на Владата за намалување на цените.

Во споредба со минатата година цената на лебот поскапе за 44 проценти, а цената на некои лебови достигна и 100 денари.Скокот на цените на прехранбените производи се должи на зголемената цена на горивата и енергетската криза, што се случи поради руската инвазија на Украина.

Зејтиноте веќе поевтинат, а и цената на репроматеријалите за негово производство мирува, велат од фабриките за производство на масло за јадење.Од фабриката за производство на зејтин „Брилијант“ деновиве изјавија дека цената на зејтинот е намалена за 40 денари и дека се прават обиди цената да го достигне нивото од пред три месеци. Ако до пред неколку месеци цената на литро зејтин беше и до 150 денари, денеска зејтин може да се купи и по цена од 110.

Цената на млекото и млечните производи годинава порасна за 27 проценти, а сушата и поскапувањата на добиточната храна годинава го намалија неговото производство. Откупната цена на млекото, во однос на минатата година има раст од околу 40 проценти.

Од млечната индустрија „Фејзи“ од Гостивар велат дека иако откупната цена на млекото е многу зголемена, тие нема да ги намалат цените на нивните млечни производи. Нивната компанија се уште не поднела барање за договор со ЕСМ за добивање поевтина струја иако како што додаваат, сметките за струја се многу повисоки од ланските.

Министерот за економија Крешник Бектеши се закани со мерки против фирмите кои нема да ја поевтинат храната и покрај тоа што владата ќе им понуди неколкукратно поевтина струја. Бектеши за ТВ 21 појасни дека од денеска производителите на прехранбени производи ќе треба да им понудат на маркетите нови намалени цени, но дека треба да се има предвид и фактот дека маркетите имаат залихи од претходно.