Ролф Маршалек, професор на Универзитетот Гете во Франкфурт, кој од март го води истражувањето на оваа ретка состојба, вели дека проблемот е во аденовирусните вектори кои двете вакцини ги користат за испорака на спајк протеинот на вирусот SARS-CoV-2 во телото.
Механизмот на испорака значи дека вакцините испраќаат спајк протеин во клеточното јадро, а не во течноста што се наоѓа внатре во клетката во која вирусот нормално произведува протеини, велат научниците во истражувањето.
Кога ќе влезат во клеточното јадро, одредени делови на спајк протеинот се спојуваат или разделуваат, создавајќи мутирани верзии кои не можат да се врзат за клеточната мембрана, таму каде што се одвива важната имунизација. Мутираните протеински клетки се излачуваат во телото, што предизвикува крвни згрутчувања кај 1 во 100.000 луѓе.
Спротивно од тоа, вакцините на база на mRNA, како на Pfizer и Moderna доставуваат генетски материјал на спајк протеинот во клеточната течност и тој никогаш не влегува во јадрото.
– Кога гените на вирусот ќе се најдат во јадрото, може да создадат одредени проблеми, вели Маршалек.
Ретка реакција на згрутчување на крвта е забележана кај 309 од 33 милиони луѓе кои ја примиле вакцината на AstraZeneca во Велика Британија, предизвикувајќи 56 смртни случаи. Во Европа најмалку 142 луѓе имале крвно згрутчување од 16 милиони вакцинирани.
Марашлек верува дека постои директен излез, ако се измени секвенцата на спајк протеинот за да се спречи негово разделување. Од AstraZeneca уште не ги контактирале, но ако го направат тоа може да им се помогне во подобар развој на вакцината.
Од Johnson & Johnson велат дека го поддржуваат континуираното истражување и анализа за оваа ретка појава и дека се радуваат на споделувањето податоци и анализи.
Истражувањето сугерира дека производителите на вакцини кои користат аденовирусни вектори може да го модифицираат резултатот на спајк протеинот за да избегнат несакани реакции на спојување.