Според информациите од лозаропроизводителите и реакциите од земјоделските здруженија, односно Федерацијата на фармери на Македонија и овогодишниот откуп на винското грозје уште во самиот почеток е оптеретен со многу манипулации на штета на земјоделците. Ова повеќе за никого не треба да претставува изненадување имајќи го во предвид досегашниот начин на работа на власта во земјоделството.
Покрај останатото, откупот на грозјето повторно е неплански, што значи дека надлежните институции, пред сè Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Државниот инспекторат за земјоделство, ги немаат извршено вообичаените контроли на залихите на вино во подрумите и танковите на винарските визби, веројатно немаат добиено ниту податоци за подготвеноста на секоја винарска визба, поодделно која количина и од која сорта винско грозје ќе откупи, дали и кому се подделени лиценците за откуп на винското грозје, дали е извршена контрола и дали воопшто се склучени поединечни договори за откуп на произведената количина винско грозје од индивидуалните земјоделски производители, дали е изготвен распоред на повикување за предавање на винското грозје, дали е извршена контрола на вагите и сондите зе мерење на концентрацијата на шеќерните единици во гроздовото зрно (обврска на Бирото за метрологија), дали е воспоставена координацијата помеѓу Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за земјоделство и сите вообичаени активности кои обезбедуваат услови за организиран откуп на винското грозје од овогодишната реколта.
И најважното за лозаропроизводителите, дали Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го има заштитено интересот на лозаропроизводителите во договорањето на висината на просечната откупна цена за килограм грозје, посебно за секоја сорта.
Според реакциите очигледно е дека нема ниту договор и нема ниту договорена откупна цена!
За да се исклучи манипулацијата околу цените и шеќерните единици една од основните обврски на надлежните институции е пред почетокот на бербата скалата на шеќерните единици да ја одредуваат релевантни научни институции. За жал ниту по ова прашање не е постапено.
Затоа, не без причина претставниците на лозаропроизводителите бараат откупната цена на „смедеревката“ да изнесува околку 16 денари за килограм, а на „вранецот“ 17 денари за килограм, иако сметам дека домашната откупна цена треба да се изедначи со просечната регионална откупна цена од 30 еуро центи, односно 18 денари за килограм произведено винско грозје.
Очигледно е дека случувањата од минатогодишниот таканаречен откуп на винското грозје и вистинската катастрофа на македонското лозаропроизводство не претставуваат опомена за власта да ги превземе конкретните чекори во заштита на интересите на лозаропроизводителите и пред сè да се обезбедат конкретни услови за редовен организиран откуп во услови кои ќе ја гарантираат сигурноста на непосредните земјоделски производители или барем да ја почувствуваат грижата на државата.
Своевремено преку носењето на Законот за земјоделските задруги и погодностите кои ги носи здружувањето на земјоделците, особено во насока на зајакнување на нивната конкуретност и преговарачка моќ, меѓу другото се имаше во предвид и потребата од воспоставување партнерски односи меѓу лозаропроизводителите и винарските визби. Иако е ова долг процес за кој е потребно време и внимание, сепак неизоставен е заклучокот дека власта воопшто не водела сметка во неговата реализација.
Покрај овие проблеми, лозаропроизводителите се соочуваат и со проблемите поврзани со последиците од климатските промени и очигледното потфрлање со системите за наводнување на лозовите насади.
Ќе потсетам дека Министерството своевремено во соработка со меѓународна финансиска институција изработи Студија за последиците од климатските промени во земјоделството, посебно за секоја земјоделска култура. Студијата упатува особено на 3 региони во Македонија кои се најмногу подложни на климатските промени, Североисточниот регион (кумановски-кривопаланечкиот простор), Повардарскиот регион (во кој е Тиквешијата и делот на југоисточниот дел од Македонија, валадновско-струмичкиот простор) и Пелагонискиот регион.
Оваа земјоделска година најголемите оштетувања кај земјоделските култури ги имаме токму на овие простори. Меѓу останатите земјоделски култури подложни на опасноста од последиците на климатските промени (долги сушни периоди, високи температури, зголемено УВ зрачење, нагли и обилни врнежи проследени со град и создавање диви водотеци) е загрозено и производството на грозје.
Меѓу останатите препораки за сочувување на земјоделскиот род или грозјето во случајов е користењето на посебни заштитни мрежи за виновата лоза за заштита од оштетувања од град и зголемено УВ зрачење, кое исто така неповолно делува врз развојот и квалитетот на гроздовите зрна.
Една од целите на претходната Влада на Република Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беше воведување на посебна земјоделска политика со директна финансиска поддршка за интензивно поставување на заштитните мрежи со воведување на посебен систем за тоа кој е прикажан во приложениот видео запис.
И покрај 10 годишниот Акционен план за реконструкција, рехабилитација и проширување на водостопанскиот систем и негово ставање во целосна кондиција, со предвидени 200 милиони евра (20 милиони евра годишно), изработен од претходната Влада, актуелната власт нема реализирано ниту еден метар должен. Спротивно на тоа, изминативе 4 години сведоци сме на целосно девастирање на постоечкиот водостопански систем. Не помогнаа ниту заложбите при донесувањето на секој Буџет или Ребаланс на буџетот со предлагањето на бројните и конкретни Амандмани од пратениците на опозицијата во насока на подобрување на функционирањето на системот за наводнување на земјоделските површини, особено во Тивешкиот регион. Од страна на власта сите предложени Амандмани се одбиени и неприфатени.
Од тие причини единствениот заклучок е дека во моментов лозаропроизводството е сведено на најниско можно ниво, тоа денес е неорганизирано, дури стихијно. Меѓутоа тоа во следниот период уште повеќе ќе биде оптеретено со висок производен ризик и голема неизвесност за неговата иднина.
Излезни решенија секако дека постојат, тие би требало да се бараат во ослободување на простор за пристап на малите производители до пазарот, а со тоа да се влијае на стабилизирање и редистрибуција на вредноста на земјоделскиот откуп во целиот систем.
Во суштина индивидуалните земјоделски стопанства претставуваат основа за производство на винското грозје и затоа треба да се работи на дополнително поттикнување нивниот развој и економско јакнење, како и воспоставување вистински договорни односи меѓу винарските визби и лозаропроизводителите.
Сето ова би требало да се заврши со воспоставување на систем во кој постепено самите лозаропроизводители преку вредноста на произведеното винско грозје, како вложена вредност во производството на вино, ќе учествуваат во формирањето на продажната цена на виното, односно во добивката заедно со винарските визби. Ова е востановен модел на соработка во повеќе висококоразвиени земјоделски држави, членки на ЕУ. Словенечкиот модел сметам дека е најсоодветниот за постепена примена и во Македонија.
Но, за тоа да се оствари потребно е да постои доверба. Во овие услови кога лозаропроизводителите се во неверојатно подредена улога во однос на винарските визби, оставени без заштита од власта, нивната доверба во откупувачите, односно винарските визби е сведена на нула.
Оттаму мора да се води сметка за приближно 48.000 земјоделски стопанства кои поседуваат лозови насади. Од површините под лозови насади наменети за производство на винско грозје 70 проценти се обработуваат од страна на индивидуални земјоделски стопанства.
Токму од овие причини е сосема логична потребата за измени на Законот за земјоделство и рурален развој, но и на Законот за вино со воведување на задолжителна банкарска гаранција за откуп на винско грозје, подеднакво на потребата за обновување на земјоделската инфраструктура (пристапни полски патишта), интензивно зголемување на ефикасноста на системот за наводнување на земјоделските површини, имплементирање на сериозен Акционен план за справување со последиците од климатските промени …
Се до тогаш ќе ја имаме моменталната состојба во лозаропреработувачкиот сектор.
А како ќе помине откупот на овогодишната реколта?
Не верувам дека ќе помине без проблеми, но за жал сум убеден дека лозаропроизводителите ни оваа година нема да бидат задоволни.
Во Македонја годишното производство на грозје изнесува приближно 240-250.000 тони.
40-50.000 тони се трпезно грозје што не е особен проблем.
Најголемиот проблем е количината на винското грозје од 190-200.000 тони. Од ова количина околу 40-45.000 тони се преработува од страна на индивидуалните земјоделски производители.
Проблем претставува откупот на количината од 150-155.000 илјади тони винско грозје.
Од кого ќе биде откупена и по која цена ќе биде откупена?
Откупот на грозје и годинава со проблеми и манипулации
О
Според информациите од лозаропроизводителите и реакциите од земјоделските здруженија, и овогодишниот откуп на винското грозје уште во самиот почеток е оптеретен со многу манипулации на штета на земјоделците, пишува екс министерот за земјоделство Љупчо Димовски.