На лондонскиот пазар цената на барелот ослабе за 35 центи во споредба со претходното затворање и изнесуваше 73,75 долари. На американскиот пазар падна 44 центи и се тргуваше по 71,63 долари за барел.
Во раната трговија, цените на барелот на двата пазари изгубија повеќе од еден долар.
Бројот на случаи на коронавирус продолжи да расте за време на викендот, а некои земји кои потврдија рекордни дневни стапки на раст и ги проширија рестриктивните мерки кои ја забавија побарувачката на нафта. Кина, најголемиот увозник на сурова нафта во светот, исто така, бележи пораст на нови случаи на Ковид-19.
Покрај тоа, мерките на Пекинг за спречување на злоупотреба на увозни квоти, комбинирани со притисок од високите цени на сурова нафта, може да го забават кинескиот раст кој е со најголема стапка во последните две децении.
Силната побарувачка од САД и очекувања за тесно снабдување помогнаа цените на двата пазари да закрепнат по падот од седум проценти минатиот понеделник и минатата недела да ги остварат своите први добивки во последните две до три недели.
Глобалните пазари на нафта се очекува да останат дефицитарни, и покрај одлуката на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нивните сојузници да го зголемат производството во остатокот од годината.
ОПЕК на својата веб-страница денес објави дека цената на барел од референтната корпа на нејзините членки во петокот е 73,03 американски долари, што значи дека порасна за 94 центи од претходниот работен ден.