Тие апелираа родителите за секакво прашање да се обратат до нив, да прашаат за сите нејаснотии кои ги имаат за задолжителните вакцини.
За некои вакцини опфатот е помал од потребниот, а посебно отпор кај родителите има за МРП вакцина.
– Имаме некоја задоволителна бројка. Сакаме да апелираме, родителите редовно да доаѓаат, да се информираат да нѐ прашаат и остануваме отворени за соработка, со цел децата да бидат имунизирани навремено, за да направат одбрана од заразните болести кои во минатото беа речиси елиминирани, а во последно време се појавуваат како резултат на недоволна имунизација, изјави началничката на одделот за вакцинација, д-р Снежана Јовановска.
Таа потсети дека имунизацијата треба да биде над 95 проценети кај децата, но со годините бројката се намалува, за некои вакцини е под 70, а кај некои дури и под 50 проценти опфат.
– Најголем отпор има кај МРП кој се дава на 12 месечна возраст, родителите ја одбиваат ја поврзуваат со аутизам, затоа сакам да апелирам да дојдат, да се информираат. Вакцината не е причина за никакви болести, туку штити од болести и бидејќи имаме недобар опфат во некои градови се јави туберкулоза која беше речиси целосно искоренети, рече Јовановска.
Таа појасни дека доколку не се прими МРП вакцината, паротит или заушки може да предизвикаат стерилитет кај машките деца, рубеола кај женските деца може да предизвика малформации кај плодот во текот на бременоста.
– Треба да знаат дека придобивката од МРП е голема, децидна е Јовановска.
За да се зголеми опфатот здравствените лица во соработка со УНИЦЕФ и СЗО организираат обуки, предавања да се подигне свеста кај родителите за да се знаат придобивките од редовната имунизација. Во вакциналниот пункт „Тоде Мендол” се спроведува имунизацијата на деца од училишна возраст и според информациите на надлежните таму опфатот е на задоволително ниво преку 80 проценти вакцинацијата. Екипите работат две смени за да се одбегнат турканици и групирања во услови на пандемија со Ковид-19.