Во изјава за Сител, Пауновски вчера рече дека нема да попушти и дека овие лица, кои немаат соодветно образование, а бираат канцеларска, а не теренска работа – нема да ги вработи. Администрацијата, според него треба да биде силна институција, а не партиски орган за вработување.

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците предводено од првиот вицепремиер, Артан Груби, на ДПИ – каде веќе 40% од вработените се Албанци – му додели 35 „рамковни“ од кои само 12 кои имаат соодветно образование, а инсистират да работат само во три општини во западниот дел од Македонија.

– Јас уште во јануари реков: Да поднесам оставка ќе испаднам слабак. Но, ете на прва владина седница можете да ме разрешите, ако има некој кој што може да ги прими нека ги прими. Но тоа веќе би било и слабост на Владата. Сум го зборувал тоа како пратеник, дека седат дома а не земаат плата. Сега мене да ми седи некој дома нема да дозволам. Што е до мене, јас тоа нема да го правам, без разлика што не спроведувам владина одлука. Не терам инает, не е моја оваа институција. Политички сум дојден, политички и ќе си одам, но сакам да оставам институција која ќе работи како што треба. Тие не ни кажуваат по кој критериум распределиле 35 вработени во Пазарна. Тоа сакаме да го знаеме. Врз основа на кои критериуми на Трудова инспекција која има преку 300 вработени им даваат 12, а на нас ни распределуваат 35 во Пазарна, каде што веќе 40 отсто од вработените се Албанци, – вели директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Тој потенцира дека во јануари писмената информација ја испратил до премиерот и вицепремиерот Љупчо Николовски, а информацијата била препратена и до Груби, но одговор не добил…

Порталот Фактор ѝ постави на Владата што ќе се случи со Пауновски доколку не ги прими сите распределени во ДПИ, дали Владата смета дека по секоја цена мора да им се најдат работни места без оглед што некои од нив ги немаат потребните компетенции и квалификации, на што добиле одговор дека „нивната одлука мора да се почитува“.