Сојузот на средношколци во недела на седница на Генерално Собрание ќе одлучува каков став ќе заземе по однос на штрајкот на СОНК. Но, правото на образование на учениците како и правото на штрајк на наставниците е уставно загарантирано, вели претседателот на Сојузот, Лука Павиќевиќ.
Во ситуација на штрајк најмногу губат учениците-настава. Изгубија со пандемијата, изгубија две недели од второто полугодие, ќе изгубат и со штрајкот. Затоа државата мора да организира непречена настава, вели Павиќевиќ.
Сојузот смета дека сите засегнати страни во образованието треба да бидат меѓусебно еднакви, а поквалитетен образован систем ќе постигне со соработка и еднаквост помеѓу професорите, родителите, техничкиот персонал и учениците, смета Павиќевиќ.
Мене ме зачуди фактот дека СОНК очекувал од Сојузот да добие целосна поддршка, знаејќи дека претходно никогаш не сме биле контактирани за заедничка соработка што би придонела за подобар образовен систем, додава претседателот на средношколскиот Сојуз.
Лидер: Дали Сојузот на средношколци го поддржува штрајкот на СОНК?
-Одлука за поддршка на каква било надворешна иницијатива од друга организација била таа домашна или меѓународна може да донесе само Генералното собрание на Сојузот. Или во најмала рака, Извршниот одбор. Бидејќи станува збор за генерален штрајк организиран од СОНК, одлука околу тоа носи само Генералното собрание. Седницата на Собранието е закажана за недела, 10 април. Како што кажав и на прес-конференцијата, во моментов не можам и не сакам да го коментирам штрајкот на СОНК.
Нејсе, можам да ја објаснам мојата изјава гледајќи дека прилично ја брануваше јавноста, а некаде дури беше извадена од контекст. Многумина го прочитаа само реторското прашање заборавајќи го останатиот дел од текстот. Имено, јас кажав дека не сакаме да го коментираме штрајкот, но ја потсетив јавноста дека правото на образование – впрочем како и правото на штрајк – е уставно загарантирано.
Непосредно потоа додадов дека: „Државата како знае и умее мора да го обезбеди за сите ученици, без прекин“. Што значи ова? Никаде не се вели дека наставниците не треба да штрајкуваат поради нас, учениците, туку јасно се кажува дека товарот паѓа на МОН да организира непречена настава за време на штрајк. Следеше фамозното реторско прашање околу неоправданите, кое многумина го сфатија како напад на наставниците.
Прашањето беше иронично. Не очекував буквален одговор, ниту пак го нападнав СОНК. Сојузот смета дека сите засегнати страни во образованието треба да бидат меѓусебно еднакви. Значи, и професорите и родителите и техничкиот персонал и учениците. Поентата на прашањето беше да се истакне моментот дека наставниците, т.е. СОНК треба повеќе да ги поддржуваат учениците, а не дека учениците не треба да ги поддржат своите наставници. Мене ме зачуди фактот дека СОНК очекувал од Сојузот да добие целосна поддршка, знаејќи дека претходно никогаш не сме биле контактирани за заедничка соработка што би придонела за подобар образовен систем.
Но, секој што го прочитал текстот до крај ќе знае дека завршив со речениците: „Треба да се поттикнува солидарноста меѓу сите учесници во образовниот процес. Поквалитетен образовен систем е во интерес на сите“. Толку, веќе сè е кажано.
Лидер: После секој штрајк БРО има задача да ја скрати наставната програма и да ја инкорпорира во работните денови до крајот на училишната година. Што ќе се случи доколку штрајкот потрае, а матурантите не го совладаат целиот материјал и немаат време да се подготват за државна матура, упис на факултети…?
-Оваа генерација изгуби многу поради пандемијата. Сојузот цело време предупредуваше за неквалитетната онлајн настава во текот на целата ланска учебна година. Ние, заедно со УНИЦЕФ, бевме единствената организација во државата која се залагаше за враќањето на учениците во клупите. Од Државниот испитен центар, директорката излезе „во пресрет“ на матурантите, па реши да го продолжи постигнатиот договор и за оваа учебна година. Истава генерација изгуби две недели учење бидејќи подоцна почна второто полугодие. Неодговорно и нехумано ќе биде кон сите ученици, а особено кон матурантите, државата да дозволи да изгубат уште повеќе од наставата. Затоа рековме на пресот дека државата мора да организира непречена настава.
Лидер: Сметате ли дека врз грбот на учениците/децата наставниците бараат повисоки плати? Дали штрајкот на просветарите може да се реализира за време на летниот распуст?
-Како што кажав, не можам и не би сакал да го коментирам најавениот штрајк на СОНК.
Лидер:Лидерот на СОНК смета дека како претседател на средношколците давате личен став по однос на штрајкот, а за да се изјасните по однос на штрајкот треба да добиете овластување од средношколците. Ваш став, дали со оваа констатација, Неделков фрла “политика“ во вашето дејствување?
-Видете, начинот на којшто беше дадена изјавата преку реторското прашање е уникатно мој, личен, но содржината на кажаното е целосно во согласност со ставот на Сојузот. Ние се залагаме за еднаквост во процесите на донесување на одлуки кои ги засегаат средношколците. Затоа бараме знак еднакво меѓу родителите, средношколците и наставниците. За да заживее ваквиот принцип, мора и наставниците да ги поддржуваат учениците кога ние бараме подобар образовен систем. Секако дека дел од просветните работници се големи сојузници наши, но јавноста знае дека има и такви кои вршат притисок врз учениците за време на бојкотот на наставата или пак протестите. Мора да градиме солидарност меѓу сите страни. Сојузот исто така бара поквалитен образовен систем. Прекин на наставата не води кон тоа. За секоја изјава дека има „политика“ во моето или дејствувањето на Сојузот првин ќе треба да се обезбедат докази, а дури потоа ќе заслужи коментар или одговор.