Одговорноста на институциите за вчерашното свирепо убиство на 46-годишната жена во Кочани треба да се истражи, смета Бети Пеева од НВО „ЕХО“-Штип, која со години работи со жртвите на секоков вид на насилство.
Посочува дека според информациите кои беа споделени од институциите и медиумите може да се заклучи дека некои институции не постапувале со должно внимание за заштита на жртвата. Пеева смета дека семејството на жртвата сега може да ги тужи и институциите. Според теренските активности на ЕХО, институциите во одредени општини постапуваат несериозно и со должно внимание, но, како што вели има иннституции во голем број општини кои веднаш реагираат и ги заштитуваат жртвите.
Нема да генерализирам, бидејќи не станува збор за сите институции во сите општини. Меѓутоа ние можеме да детектираме општини, каде што навистина ова е огромен проблем и каде што институциите треба да ја заштитат жртвата не го прават тоа, не се однесуваат професионално и не се однесуваат со должно внимание. Токму поради ова доаѓа до вакви последици, навистина трагични, за коишто со години наназад предупредуваме дека се случуваат и ќе се случуваат, вели Пеева.
Невладината „ЕХО“ работи со жртвите кои трпат насилство без разлика дали тоа е физичко, психичко, економско или некое друго. Вчерашното убиство на жената пред прагот на нејзиниот дом во раните утрински часови е фемицид или родово базирано убиство на жена.
Пеева вели дека според анализите од 2018 до 2022 година имаат регистрирано и докажано вкупно 17 фемициди, убиства на жени заради тоа што се жени. Нашата земја нема ваков регистер, но според неа, позитивното е тоа што од март годинава фемицидот е инкриминиран. Согласно измените во Кривичниот законик сторителите на фемицид се соочуваат со повисоки и построги затворски казни, кои се движат од 10 години до доживотна казна затвор.
Извор: Republika.mk.