Пандемијата на Ковид-19 сè уште доминира на светската агенда. Затоа не смее да се потцени еден од најголемите системски ризици врз човештвото, рече претседателот Стево Пендаровски на Светскиот лидерски самит во рамките на Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации (COP26) во Глазгов.
Научниците велат дека можеби останува само уште една деценија за светот да ги преосмисли фундаментално своите развојни парадигми, да ги промениме нашите животни навики и да ги закрепнеме нашите економии на цврсти и одржливи основи. Ако ги игнорираме ваквите загрижувачки трендови, следуваат катастрофални последици за животната средина, здравјето, безбедноста на храната и водата, односно за целокупната безбедност и развој на луѓето. Она што го ветивме во Париз мора да го испорачаме тука во Глазгов, рече Пендаровски.
Како земја кандидат за членство во ЕУ подготвена да почне преговори, додаде тој, Македонија веќе го транспонира европското законодавство за климатски промени во своето национално законодавство.
Поддржувајќи го Европскиот зелен договор, подготвени сме со нашиот удел да придонесеме Европа да стане првиот јаглеродно неутрален континент до 2050 година. И покрај фактот што сме мала европска земја, имаме големи климатски амбиции. За таа цел го усвоивме ревидираните национално утврдени придонеси. Нашата амбициозна цел поставена за 2030 година е да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за 51 % во споредба со нивоата од 1990 година или 82 % во нето-емисии во споредба со истата година која е земена како појдовна основа. Осмисливме 63 политики и мерки за ублажување, кои се родово одговорни и поврзани со 15 цели за одржлив развој. Спроведувајќи ја нашата долгорочна стратегија за климатски акции, се стремиме да ја трансформираме Македонија во економија со ниска емисија на јаглерод зајакнувајќи ја конкурентноста и промовирајќи социјална кохезија. Вклученоста на целото општество ќе помогне во справувањето со невработеноста преку создавање еколошки работни места, намалување на загадувањето со обновливи извори и развој на одржливи навики преку образование, рече Пендаровски.