Претседателот Стево Пендаровски денеска во интервјуто за „Гласот на Америка“, запрашан за тоа зошто ги потпишал измените на Казнениот законик, вели дека тоа го сторил затоа што тие, како што вели шефот на државата, не поттикнувале корупција.

„Затоа што самата содржина на измените не ја провоцира корупцијата. Наспроти тоа, што некој вели, тоа може да придонесе – не може да придонесе. Текстот на законот вели минимално се намалуваат казните за лежење затвор – значи не се укинуваат и нема амнестија – и второ се прошируваат основите и се олеснува процедурата за конфискација на имот. И тоа е на линија на тоа што го имаат неколку европски законодавства, на пример Германија. Тоа е првиот дел, а тоа дали некој понатаму може да прави селективна примена на законот, погрешна примена на законот или воопшто да не го применува, тоа е веќе проблем на имплементацијата на законите какви што ги имаме во Македонија.

Јас тврдам дека во Македонија, корупцијата која е на недозволено високо ниво, не е само заради содржината на законите, туку дека главниот проблем е неспроведувањето на законите или селективната примена на законите или обидите да се најдат „дупки“ во законите, преку кои треба да се санкционираат случаите, особено на таканаречена висока корупција – на функционери. 32 години во Македонија ние немаме успешно завршена една процедура, барем во еден разумен период за висок функционер, а имаме толку сознанија во медиумите дека јавните ресурси се практично со години наназад се крадат и за тоа никој не сноси одговорност или сносат одговорност „ситните риби“ кои најдолу на тој ланец на корупцијата, вели Пендаровски.

Тој во интервјуто додава дека со измените нема да има враќање во Македонија на поранешниот премиер Никола Груевски, бидејќи ако тоа било така, вели Пендаровски, азилантот досега би бил вратен во земјата.

– Луѓето велат ги намалувате роковите за застарување и сега во тој дел спротивставувам друг аргумент – имаме маса одлуки на судот во Стразбур кој носи одлуки против македонското правосудство, во неколку случаи, заради тоа што не сме суделе во разумен рок. Вие не можете да ги влечкате постапките со децении и на крај да заборавиме колку пати е вратен предметот на судење. Судењето во разумен рок е европски критериум.

Јас го поставувам овој пример: во 2015 година формиравме Специјално јавно обвинителство, по распуштањето на СЈО, пред три години сите предмети ги преземаа редовните обвинителства. Што е пресудено досега од тие високи случаи? „Мерцедесот“ за Гордана Јанкуловска – тоа не е доволно. Зошто осум години откако се отворија првите најголеми случаи досега никој од тие луѓе не отиде во затвор. И сега, овие што се критичари на измените на Кривичниот законик велат да, па малку е осум години. Колку треба да им дадеме? 28 години за да ги завршат постапките? Знаете дека се криеа предмети во фиоки. Знаете се судеше со години и на крај ќе ви речат – еден од поротниците заминува во пензија – одиме на ново судење.

Тврдам и понатаму и сега овој изменетиот закон и било кој друг закон не е причина за поголема корупција, ниту за амнестија – нивната лоша примена или непримена – со чување на предмети во фиоки и со барање на „дупки“ во законите за да се пролонгира процедурата што е можно подолго се главните причини зошто ние со години не можеме да видиме правосилна, извршна, судска пресуда.

Со последните измени на кривичниот законик, Никола Груевски нема да се врати во Македонија. Тврдам, досега не се вратил, заради овие измени нема ни да се врати, тоа е сигурно, тврди македонскиот претседател.